Online Bible

- Reklamy -

Матеј 15 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 15

1 Тогаш пристапија кон Исуса ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи:

2 Зошто учениците Твои не го запазуваат редот на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете кога јадат леб.

3 А Он им одговори и рече: – Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?

4 Зашто Бог заповедал и рекол: „почитувај ги татка си и мајка си“, и „кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни“.

5 А вие велите: ако некој им рекол на татка си и на мајка си: тоа, со кое би можел да се ползуваш од мене, дар е;

6 значи, тој може да не го почитува својот татко или својата мајка. Така ја нарушивте заповедта Божја, заради вашето предание.

7 Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи:

8 „Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене;

9 но напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби“.

10 И откако ги повика луѓето, им рече: – Слушајте и разберете:

11 не она што влегува во устата го осквернува човекот, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот. Крај на средата


(Зачало 61)

12 Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: – Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?

13 А Он, одговарајќи, им рече: – Секоја фиданка, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне;

14 оставете ги: тие се слепи водачи на слепци; а кога слеп слепиот го води, двајцата ќе паднат во јама.

15 Петар, пак, Му одговори и рече: – Објасни ни ја оваа парабола.

16 А Исус им рече: – Ама вие уште ли не сфаќате?

17 Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрла надвор?

18 А она што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот;

19 оти од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули;

20 овие се што го осквернуваат човекот. А јадењето со неизмиени раце, не го осквернува човекот.


(Зачало 62)

21 И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата тирска и сидонска. Крај на четвртокот

22 И ете, една жена хананејка, откако излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: – Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.

23 Но Он не ѝ одговори ниту збор. И, пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: – Отпушти ја, оти вика по нас.

24 А Он одговори и рече: – Јас сум испратен само при загубените овци од домот Израилев.

25 Ама таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: – Господи, помогни ми!

26 А Он, одговарајќи, ѝ рече: – Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.

27 Но таа Му рече: – Да, Господи, ама и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.

28 Тогаш Исус одговори и рече: – О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде според желбата твоја! И во тој час оздраве ќерката нејзина. Крај на неделата


(Зачало 63)

29 Штом замина оттаму, дојде Исус при Галилејското Море, се искачи на планината и седна таму.

30 И дојде при Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исуса, и Он ги излечи;

31 така што народот се восхитуваше, гледајќи како неми говорат, фатени оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев. Крај на петокот


(Зачало 64)

32 А Исус, откако ги повика учениците Свои, рече: – Жал ми е за народот, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни не би сакал, за да не премалеат по патот.

33 Но учениците Негови Му рекоа: – Од каде ќе земеме толку леб во пустинава, за да нахраниме толку народ?

34 Исус ги праша: – Колку лебови имате? А тие одговорија: – Седум и неколку риби.

35 Тогаш Исус му заповеда на народот да поседне по земјата.

36 И откако ги зеде седумте лебови и рибите, благодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.

37 И јадоа сите и се наситија; и кренаа останати парчиња седум полни кошници.

38 А оние што јадеа беа четири илјади мажи, освен жените и децата.

39 Па штом го распушти народот, влезе во кораб и пристигна во пределите магдалски. Крај на саботата

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy