Матеј 14 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 14 (Зачало 57) 1 Во тоа време дојде гласот за Исуса и до Ирода, четворовласникот; 2 и им рече на своите потчинети: – Тоа е Јован Крстител; тој воскресна од мртвите, па затоа и стануваат чуда преку него. 3 Зашто Ирод, кога го фати Јована, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брат му Филипа; 4 бидејќи Јован му велеше: – Не бива да е твоја. 5 И сакаше да го убие, ама се плашеше од народот, оти го сметаа за пророк. 6 А кога беше роденденот на Ирода, ќерката Иродијадина играше пред гостите и му угоди на Ирода; 7 затоа, тој со клетва ѝ вети дека ќе ѝ даде, што и да побара. 8 А таа, пак, научена од мајка си, рече: – Дај ми ја овде на табла главата на Јована Крстителот. 9 И се загрижи царот; но заради заклетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат. 10 Па испрати, та му ја отсекоа главата на Јована, во затворот. 11 И ја донесоа главата негова на табла и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ѝ ја однесе на мајка си. 12 Учениците, пак, негови, откако дојдоа, го зедоа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Му јавија на Исуса. 13 Штом чу Исус, замина оттаму на кораб, во пусто место, Сам; а народот, откако узна за тоа, тргна по Него пеш од градовите. Крај на вторникот и на Отсекување (Зачало 58) 14 И кога излезе Исус, виде многу народ; и се смили над нив и ги излекува нивните болни. 15 А на стемнување, се приближија до Него учениците Негови, и рекоа: – Овде е местото пусто, а и времето е веќе доцна; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна. 16 Но Исус им рече: – Нема потреба да одат; вие дајте им да јадат! 17 А тие му рекоа: – Ние овде имаме само пет леба и две риби. 18 Он им рече: – Донесете Ми ги тука! 19 И откако му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и, откако ги прекрши, им ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. 20 И јадоа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. 21 А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата. (Зачало 59) 22 И веднаш ги понуди Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна, пред Него, додека да го распушти народот. Крај на осмата недела 23 Па штом го распушти народот, Он се качи на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам. 24 А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот беше спротивен. 25 А на четвртата стража преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето. 26 А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: – Тоа е привидение. И од страв извикаа. 27 Но Исус веднаш им прозборе и рече: – Не бојте се! Јас сум, не плашете се! 28 А Петар, одговарајќи, Му рече: – Господи, ако си Ти, дозволи да дојдам при Тебе по водата. 29 И Исус му рече: – Дојди! Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди кај Исуса; 30 но кога го виде силниот ветар се уплаши, почна да потонува и извика: Господи, спаси ме! 31 Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: – Маловерниче, зошто се посомнева? 32 И кога влегоа во коработ, ветерот престана. 33 А оние што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: – Навистина си Син Божји! 34 Па како преминаа, дојдоа во земјата генисаретска. Крај на неделата (Зачало 60) 35 Алуѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата околија и ги донесоа при Него сите болни. 36 И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие што се допреа, се излекуваа. |