Матеј 13 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 13 1 Откако излезе Исус тој ден од куќата, седна покрај морето. 2 И се собра околу Него многу народ, така што Он влезе во кораб и седна, а целиот народ стоеше на брегот. 3 И им говореше многу во параболи, велејќи: Крај на четвртокот Ете, излезе сејач да сее; (Зачало 50) 4 и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа. 5 Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока. 6 Но, штом изгреа сонцето тие свенаа, па како немаа корен, се исушија. 7 Некои паднаа во трње и израснаа трњето и ги задушија. 8 Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод: едно сто, друго шеесет, а друго триесет. 9 Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на петокот (Зачало 51) 10 И откако се приближија до Него учениците, Му рекоа: – Зошто во параболи им зборуваш? 11 А Он им одговори и рече: – Оти, вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. 12 Зашто, кој има, ќе му се даде и ќе му се преумножи; а кој нема, ќе му се земе и она што го има; 13 затоа им зборувам во параболи, оти гледаат и не видат; слушаат и не чујат, ниту, пак, разбираат; 14 и над нив се исполнува пророкувањето на Исаија, кое вели: „со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; 15 срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои за да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат, и со срцето да разберат, та да не се покајат и да не ги исцелам“. 16 Вашите очи, пак, се блажени – оти гледаат, и ушите ваши – бидејќи слушаат; 17 зашто, вистина ви велам: – многу пророци и праведници сакаа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја. 18 Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот: 19 – при секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот. 20 А посеаното на камен е оној, што го слуша словото и веднаш со радост го прима; 21 ама нема во себе корен и е непостојан: настане ли жалост, или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. 22 Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род. 23 А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет. Крај на понеделникот (Зачало 52) 24 И друга парабола им кажа, велејќи: – Царството небесно прилега на човек, што посеал добро семе на својата нива; 25 но кога спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеа меѓу житото какол, па си отиде; 26 а кога изникна семето и донесе плод, тогаш се појави и каколот. 27 И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: – Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде, пак, сега овој какол во неа? 28 А тој им рече: – Човек непријател го направи тоа. Слугите, пак, му рекоа: – Сакаш ли да одиме и да го исплевиме? 29 Но, тој им рече: – Не, за да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; 30 оставете нека расте и едното и другото заедно, до жетва; а по жетвата, ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а житото приберете го во мојот амбар. Крај на вторникот. Изостави на св. ангели (Зачало 53) 31 И друга парабола им кажа, кога рече: – Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зеде и посеа на нивата своја; 32 тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите билки, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки. 33 И друга парабола им кажа: – Царството небесно прилега на квас што го зема жена и клава во три мери брашно, додека не скисне сето. 34 Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо; 35 за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „со параболи ќе ја отворам устата своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот“. 36 Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. Крај на средата. Читај на св. ангели. И пристапија до Него учениците Негови и рекоа: – Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата. (Зачало 54) 37 А Он им одговори и рече: – Сејачот на доброто семе е Синот Човечки; 38 нивата е овој свет; доброто семе, тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот; 39 непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите. 40 И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет; 41 ќе ги испрати Синот Човечки Своите ангели и ќе ги соберат сите соблазни од Неговото царство и оние, што прават беззаконие, 42 и ќе ги фрлат во вжарена фурна; таму ќе биде плач и крцкање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на четвртокот и на св. ангели (Зачало 55) 44 Царството небесно прилега уште и на драгоценост сокриена во нива, која ја нашол човек и ја прикрил, па од радост за неа, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива. 45 Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; 46 па штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има, и го купува. 47 Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето, и уловува секакви риби; 48 и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. 49 Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, 50 и ќе ги фрлат во вжарена фурна: таму ќе биде плач и крцкање со заби. 51 И ги праша Исус: – Дали го разбравте сето тоа? Тие му одговорија: – Да, Господи! 52 А Он им рече: – Затоа, секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште и ново и старо. (Зачало 56) 53 И кога заврши Исус со овие параболи, си замина оттаму. 54 А штом дојде во татковината Своја, го поучуваше народот во синагогите нивни, Крај на петокот и на светителот така што сите се чудеа и велеа: – Од каде при Него ваква премудрост и сили? 55 Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му, не се вика ли Марија, и браќата Негови – Јаков и Јосиј, Симон и Јуда? 56 И сестрите Негови, не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа при Него? 57 И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: – Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов. 58 И не изврши таму многу чуда поради нивното неверување. Крај на понеделникот |