Online Bible

- Reklamy -

Матеј 12 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 12 (Зачало 44)

1 Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат.

2 Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа: – Ете, учениците Твои прават што не треба да се прави во сабота.

3 А Он им рече: – Не сте читале ли што направи Давид, кога огладне самиот тој и оние што беа со него?

4 Како влезе во домот Божји и ги изеде лебовите од предложението, кои не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, туку само свештениците.

5 Или, не сте читале ли во Законот дека во сабота свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?

6 Но, Јас ви велам дека е тука Оној Којшто е поголем од храмот;

7 и, ако знаевте што значи: „милост сакам, а не жртва“, не би сте ги осудувале невините;

8 зашто Синот Човечки е господар и на саботата. Крај на петокот


(Зачало 45)

9 И откако отиде оттаму, дојде во синагогата нивна.

10 И ете, таму беше еден човек, кој имаше исушена рака. И за да Го обвинат, Го прашаа Исуса: – Бива ли да се лекува во сабота?

11 А Он им рече: – Кој од вас, ако има една овца и ако таа падне во сабота во јама, што не ќе ја земе и извлече?

12 А колку, пак, човекот е поскап од една овца? И така, во сабота е дозволено да се прави добро.

13 Тогаш му рече на човекот: – Протегни ја раката! И тој ја протегна; и таа стана здрава, како другата. Крај на понеделникот


(Зачало 46)

14 Афарисеите, штом излегоа, се договорија како да Го погубат. Но Исус, кога разбра, се оддалечи оттаму.

15 И тргна по Него многу народ, и Он ги излечи сите;

16 и им забрани да разгласуваат за Него;

17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели:

18 „Ете Го слугата Мој, Кого што Го избрав, Мојот возљубен, што е по волјата на Мојата душа. Ќе го положам Духот свој над Него и на народите ќе им објави суд;

19 нема да се кара, ниту ќе вика, и никој нема да го чуе гласот Негов по раскрсниците;

20 трските наведнати нема да ги скрши, ниту запалените светила ќе ги угасне, додека не го изведе судот кон победа.

21 И во Неговото име народите ќе се надеваат“. Крај на саботата. Читај во вторникот

22 Тогаш доведоа при него еден бесен, кој беше слеп и нем; и го излечи, така што слепонемиот прогледа и проговори.

23 И сиот народ се чудеше и велеше: – Не е ли Овој Христос, синот Давидов?

24 А фарисеите, штом го слушнаа тоа, рекоа: – Он не ги истерува бесовите на друг начин, освен преку Велзевул, началникот на бесовите.

25 Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: – Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне.

26 И, ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш, како може да се запази царството негово?

27 И, ако Јас истерувам бесови преку Велзевул, а синовите ваши, преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии.

28 Ако, пак, Јас истерувам бесови со Духот Божји, тоа значи дека дошло царството Божјо до вас.

29 Или, како може да влезе некој во куќата на силен човек и да му ја плени покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби куќата?


(Зачало 47)

30 Кој не е со Мене, против Мене е; и кој не собира со Мене, тој растура. Крај на вторникот

31 Затоа ви велам: – секој грев и хула ќе им се прости на луѓето, но хулата против Светиот Дух, нема да им се прости на луѓето.

32 И, ако некој каже збор против Синот Човечки, ќе му се прости; но, ако каже нешто против Светиот Дух, нема да му се прости, ни на овој, ни на оној свет.

33 Или, ако насадите добро дрво и плодот ќе му биде добар; а ако насадите лошо дрво и плодот ќе му биде лош; зашто, по плодот се познава дрвото.

34 Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Зашто, од преполнето срце прикажува устата.

35 Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште – лошо.

36 И ви велам, дека за секој необмислен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на Судниот ден;

37 оти според зборовите свои ќе бидеш оправдан, и според зборовите свои ќе бидеш суден. Крај на саботата


(Зачало 48)

38 Тогаш некои од книжниците ифарисеите одговорија и рекоа: – Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе.

39 А Он им одговори и рече: – Лукав и прељуботворен род бара знаци; но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона;

40 оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи.

41 Ниневијците ќе излезат на суд со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете, тука има повеќе од Јона.

42 И царицата јужна ќе излезе на суд со овој род и ќе го осуди; зашто, таа дојде од крајот на земјата да ја чуе премудроста на Соломона; но ете, тука е многу поголем од Соломона.

43 Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места, барајќи спокој, и не го наоѓа;

44 па, ќе рече тогаш: – да се вратам во мојот дом од каде што излегов. И штом ќе дојде, го наоѓа празен, изметен и уреден;

45 тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму и ќе живеат; и последната состојба на тој човек станува полоша од првата. Така ќе биде и со овој пакостен род. Крај на средата


(Зачало 49)

46 Додека му зборуваше на народот, мајка Му и браќата Негови стоеја надвор и сакаа да зборуваат со Него.

47 Некој Му кажа: – Ете, мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.

48 Он му одговори на оној што Му зборуваше, и рече: – Која е Мојата мајка и кои се Моите браќа?

49 И откако покажа со рака на учениците Свои, рече: – Еве ја Мојата мајка и еве ги Моите браќа;

50 зашто, кој ја исполнува волјата на Мојот Отец Кој е на небесата, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy