Online Bible

- Reklamy -

Матеј 11 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 11

1 И кога ги заврши Исус овие заповеди кон дванаесетте Свои ученици, замина оттаму за да поучува и да проповеда по нивните градови. Крај на петокот, седмата сабота и пред Воздвижение


(Зачало 40)

2 А Јован, откако чу, во затворот, за Христовите дела, испрати двајца свои ученици,

3 и Му рече: – Ти ли си Оној што треба да дојде или друг да чекаме?

4 Исус им одговори и рече: – Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате:

5 слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието;

6 и блажен е оној што не се соблазнува заради Мене.

7 А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јована: – Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли што се лулее од ветерот?

8 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царските палати се.

9 Но, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк.

10 Зашто тој е за кого е напишано: „Ете, Јас го испраќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го подготви патот Твој пред Тебе“.

11 Вистина ви велам: – Меѓу родените од жени не се јавил поголем од Јована Крстителот; ама најмалиот во царството небесно е поголем од него.

12 А од деновите на Јована Крстителот, па до сега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат.

13 Зашто сите Пророци и Законот беа пророкувале до Јована.

14 И, ако сакате да примите, тој е Илија, којшто ќе дојде.

15 Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на понеделникот и на св. Јован


(Зачало 41)

16 Асо кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им викаат на своите другари

17 и велат: ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.

18 Зашто, дојде Јован, кој ниту јаде ниту пие, а велат: бес има.

19 Дојде Синот Човечки, Којшто и јаде и пие, а велат: еве човек ненаситен и пијаница, пријател на цариниците и грешниците. И се оправда Премудроста од своите дела.


(Зачало 42)

20 Тогаш почна Исус да ги укорува градовите, во кои се извршија најмногу Негови чуда, бидејќи не се покајаа. Крај на вторникот

21 Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чудата што станаа при вас, одамна тие би се покајале во кострет и пепел;

22 но, ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во Судниот ден, отколку вам.

23 И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе слезеш; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата, што станаа во тебе, тој и до ден-денеска ќе останеше.

24 Но ви кажувам, дека на земјата содомска ќе ѝ биде полесно на Судниот ден, отколку на тебе.

25 Во тоа време, продолжи Исус и рече: – Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил тоа од мудрите и разумните, и си го открил на децата.

26 Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја. Крај на средата


(Зачало 43)

27 Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој, освен Синот; и кому што сака Синот да му открие.

28 Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам;

29 земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши;

30 зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно. Крај на четвртокот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy