Online Bible

- Reklamy -

Матеј 10 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 10

1 И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ. Изостави на св. врачи

2 А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот – Симон, наречен Петар, и Андреја, братот негов; Јаков Заведеев и Јован, брат му;

3 Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј,

4 Симон Кананит и Јуда Искариот, којшто и Го предаде.

5 Овие дванаесетмина ги испрати Исус и им заповеда, велејќи: – По пат кон незнабошци не одете, и во самарјански град не влегувајте;

6 а одете прво при загубените овци на Израилевиот дом;

7 и, одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;

8 болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте! Крај на понеделникот и на св. врачи


(Зачало 35)

9 Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар,

10 ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда.

11 А кога ќе влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен и таму останете, додека не си отидете.

12 И штом ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја, велејќи: – Мир на овој дом!

13 И, ако куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир нека се врати при вас.

14 Ако, пак, не ве прими и не ги послуша зборовите ваши, кога ќе излегувате од таа куќа или од тој град, истресете го правот од нозете ваши.

15 Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата содомска и гоморска во Судниот ден, отколку на тој град. Крај на вторникот


(Зачало 36)

16 Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.

17 Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предадат на судовите и по синагогите нивни ќе ве бијат.

18 И ќе ве одведат пред управници и цареви, заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците.

19 А кога ќе ве предадат, не грижете се како, или што ќе говорите, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете;

20 бидејќи не сте вие што ќе зборувате, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас.

21 И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат децата против родителите и ќе ги убијат;

22 и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име, но кој ќе претрпи до крај, ќе биде спасен. Крај на средата и на мачениците


(Зачало 37)

23 Кога ќе ве изгонат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина ви велам: – Нема да ги обиколите Израилевите градови, додека не дојде Синот Човечки.

24 Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар;

25 доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни?

26 И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено, што не ќе се открие, или тајно, а да не се узнае.

27 Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што го слушате на увото, разгласувајте го од покривите.

28 И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; но бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот.

29 Не се продаваат ли две врапчиња за една пара? И ниедно од нив нема да падне на земјата, без волјата на вашиот Отец.

30 А вам и влакната на главата ви се изброени.

31 Но, не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња. Крај на четвртокот


(Зачало 38)

32 Нтака, секој што ќе Ме признае пред луѓето, и Јас ќе го признаам него пред Мојот Отец Кој е на небесата.

33 А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец Кој е на небесата. Изостави на сите светии

34 Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч;

35 Зашто дојдов да разделам човек од татка му, и ќерка од мајка ѝ, и снаа од свекрва ѝ.

36 И непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни. Изостави во петокот Читај на сите светии


(Зачало 39)

37 Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;

38 и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене; Премини за сите светии на зачало 79 отполу

39 Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја изгуби, а кој ќе ја изгуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува.

40 Кој ќе ве прими вас, ќе Ме прими Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил;

41 Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда.

42 И кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода во име на ученик, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда. Читај во понеделникот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy