Марко 9 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 9 1 И им рече: – Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, коешто дошло во сила. Крај на неделата (Зачало 38) 2 А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована и ги одведе сами на висока планина, насамо, и се преобрази пред нив. 3 Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белилка на земјата не може да избели. 4 И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. 5 Тогаш проговори Петар и Му рече на Исуса: – Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три сеници; една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија. 6 Бидејќи не знаеше што да каже, оти беа многу уплашени. 7 И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: – Овој е Мојот возљубен Син. Него послушајте Го! 8 И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа со себе, но, само Исуса. 9 А кога слегуваа од планината, Он им заповеда, никому да не кажуваат што видоа, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. Крај на Преображение (Зачало 39) 10 И го задржаа тој збор во себе и се прашуваа: – Што значи тоа: да воскресне од мртвите? 11 И Го прашаа, велејќи: – А зошто книжниците велат, дека најнапред треба да дојде Илија? 12 А Он, пак, им одговори и рече: – Илија ќе дојде понапред и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понижен. 13 Но, ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за него, и му направија што сакаа. 14 И кога дојде при учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив. 15 И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. 16 Ги праша книжниците: – Зошто се препирате со нив? Крај на четвртокот (Зачало 40) 17 И кога одговори еден од народот, рече: – Учителе, го доведов при Тебе син ми, во кого има нем дух; 18 и секогаш, каде и да го фати, го крши, и тој се запенува, и крцка со заби, и се здрвува. Им реков на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа. 19 Исус му одговори и рече: – О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене! 20 И го доведоа кај Него. Штом Го виде, духот веднаш го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. 21 Исус го праша татка му: – Колку време има откако станува тоа со него? Тој одговори: – Од детство; 22 и духот многупати го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смили се над нас и помогни ни! 23 А Исус му рече: – Ако можеш да поверуваш, сѐ е можно за оној што верува. 24 И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи говореше: – Верувам, Господи, помогни му на моето неверие! 25 А Исус, штом виде дека се собра народ, му заповеда на нечистиот дух и му рече: – Духу нем и глув, Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него! 26 И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. 27 Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. 28 И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: – Зошто ние не можевме да го истераме? 29 Им одговори: – Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост. 30 И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Он не сакаше некој да разбере. 31 Оти ги учеше учениците Свои и им велеше, дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето, ќе воскресне. Крај на неделата 32 Но, тие не ги разбраа овие зборови и се плашеа да Го прашаат. (Зачало 41) 33 И дојде во Капернаум; икога беше дома, ги праша: – Што размислувавте меѓу себе по пат? 34 Тие молчеа, зашто патем се препираа помеѓу себе, кој е поголем. 35 Па, како седна, ги повика дванаесетте и им рече: – Кој сака да биде прв, нека биде најпоследен од сите, и на сите – слуга. 36 И кога зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: 37 – Кој ќе прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Којшто Ме испратил. 38 Тогаш Јован Му одговори и рече: – Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонуваше бесови, а не врви по нас; и му забранивме, оти не оди по нас. 39 А Исус рече: – Не бранете му, зашто никој, што ќе изврши чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. 40 Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. 41 И кој ве напои со чаша вода во Мое име, дека сте Христови, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда. Крај на петокот и на светителот (Зачало 42) 42 Акој ќе соблазни едно од овие маливе, коишто веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденичен камен на вратот и да го фрлат во морето. 43 И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган; 44 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува. 45 И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во геената, во неизгасливиот оган, 46 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува. 47 И, ако окото твое те соблазнува, извади го; поарно е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во геената огнена, 48 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува. 49 Зашто секој со оган ќе се посоли, и секоја жртва со сол ќе се осоли. 50 Солта е добра; но, ако солта биде несолена, со што ќе се осоли? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте помеѓу себе. |