Online Bible

- Reklamy -

Марко 8 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 8 (Зачало 32)

1 Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече:

2 – Жал Ми е за народот, оти три дни веќе стојат при Мене и нема што да јадат.

3 Ако ги распуштам гладни по куќите нивни, ќе премалеат по пат, зашто некои дошле оддалеку.

4 Учениците Му одговорија: – Од каде може човек сите овие да ги насити со леб, овде во пустинава?

5 И ги праша: – Колку лебови имате? А тие одговорија: – Седум.

6 Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и ги даваше на учениците Свои да ги раздадат; и тие ги ставија пред народот.

7 Имаа и малку риби; откако ги благослови, заповеда да им ги разделат и нив.

8 И јадоа, и се наситија; и кренаа седум кошници останати парчиња.

9 А оние што јадеа, беа околу четири илјади. – И ги распушти.

10 И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите далманутски. Крај на петокот


(Зачало 33)

11 И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него и, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото.

12 А Он воздивна длабоко и рече: – Зошто овој род бара знак? Вистина ви велам: нема да му се даде знак на овој род.

13 И кога ги остави, повторно влезе во коработ и премина на другата страна.

14 Учениците, пак, Негови, беа заборавиле да земат леб, и во коработ немаа со себе повеќе од еден леб.

15 А Он им заповеда и рече: – Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!

16 И си размислуваа помеѓу себе, велејќи: – Тоа е што немаме леб.

17 А Исус, штом ги разбра, им рече: – Зошто мислите дека немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце?

18 Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли?

19 Кога ги раскршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња кренавте? Му велат: – Дванаесет.

20 А седумте – за четири илјади, колку кошници со останати парчиња собравте? Тие Му одговорија: – Седум.

21 И им рече: – Па, како тогаш не разбирате? Крај на понеделникот


(Зачало 34)

22 Потоа дојде во Витсаида; и доведоа при Него слеп и Го молеа да се допре до него.

23 И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете на него, па го праша дали гледа нешто?

24 Тој, кога погледна, рече: – Ги гледам луѓето да врват како дрвја.

25 Потоа, повторно ги положи рацете на очите негови и му рече да погледа. И му се поврати видот и ги гледаше сите јасно.

26 И го испрати во домот негов и му рече: – Не влегувај во селото, ниту раскажувај некому в село. Крај на вторникот


(Зачало 35)

27 И излезе Исус со Своите ученици по селата на Кесарија Филипова. По патот ги прашуваше учениците Свои и им велеше: – За кого Ме мислат луѓето?

28 Тие одговорија: – За Јована Крстителот, некои за Илија, а други, пак, за еден од пророците.

29 Он им рече: – А вие, за кого Ме мислите? Петар Му одговори и рече: – Ти си Христос!


(Зачало 36)

30 И им забрани да говорат за Него, кому и да било.

31 Па почна да ги учи, дека Синот Човечки треба многу да пострада, Крај на саботата да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.

32 И говореше за тоа откриено. Но Петар, откако Го повлече настрана, почна да Го одвраќа.

33 А Он, кога се заврти и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петра да говори и рече: – Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко.

34 И кога го повика народот и учениците Свои, им рече: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот крст и нека врви по Мене. Крај на средата


(Зачало 37)

35 Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; а кој ќе ја изгуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси.

36 Оти, каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?

37 Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?

38 Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се срами од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели. Крај на средата

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy