Марко 7 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 7 1 Се собраа при Него фарисеите и некои од книжниците, што беа дошле од Ерусалим. 2 И кога видоа дека некои од Неговите ученици јадат леб со нечисти, односно, со неизмиени раце, ги укорија. 3 Зашто фарисеите и сите Јудејци, држејќи го преданието на старите, не јадат, дури не ги измијат рацете до лактите; 4 и кога ќе се вратат од пазар, не јадат, дури не се измијат; и уште многу друго има што примиле и го држат: миење на чаши, чинии, котли и столови. (Зачало 28) 5 Потоа фарисеите и книжниците Го прашаа: – Зошто учениците Твои не постапуваат според преданието на старите, но со неизмиени раце јадат леб? 6 А Он им одговори и рече: – Добро пророкувал Исаија за вас, лицемерите, како што е напишано: „овој народ со уста Ме почитува, а со срцето негово стои далеку од Мене; 7 ама напразно Ме почитува, оти проповеда човечки повелби“. 8 Зашто вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите човечкото предание: миење на чинии и чаши, и вршите многу други слични работи. Крај на понеделникот 9 И им рече: – Се осмелувате да ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание. 10 Бидејќи Мојсеј рече: „Почитувај ги татка си и мајка си“, и „кој го злослови таткото свој или мајка си, со смрт да се казни“! 11 А вие велите: – Ако некој му рече на татка си или на мајка си: корван, односно, ветено на Бога е она, со кое би се ползувал ти од мене, 12 и таков не оставате веќе да направи ништо за својот татко или за својата мајка, 13 престапувајќи го словото Божјо со вашето предание, што сте го предале вие; и многу такви слични работи правите. (Зачало 29) 14 И кога го повика сиот на род, им рече: – Слушајте Ме сите и разберете: 15 Ништо, коешто влегува во устата на човекот однадвор, не може да го оскверни; но, она што излегува од него, тоа го осквернува човекот. 16 Ако некој има уши да слуша, нека чуе! Крај на вторникот 17 И кога се оддалечи од народот и влезе во една куќа, учениците Негови Го прашаа за параболата. 18 А Он им рече: – Зар и вие сте така неразумни? Не разбирате ли, дека ништо, коешто влегува во човекот однадвор, не може да го оскверни? 19 Оти, тоа, не му влегува во срцето, туку во стомакот, и излегува надвор, чистејќи ја сета храна. 20 И уште им рече: – Она што излегува од човекот, тоа го осквернува човекот. 21 Бидејќи однатре, од срцето човечко, излегуваат лоши помисли, прељубодејства, блудства, убиства, 22 кражби, лакомства, лукавства, пакости, злоби, око лукаво, богохулство, гордост, безумство. 23 Сето тоа зло однатре излегува и го осквернува човекот. (Зачало 30) 24 И откако стана оттаму, отиде во пределите тирски и сидонски; и кога влезе во една куќа, сакаше никој да не Го узнае; ама не можеше да се сокрие. 25 Зашто чу за Него една жена, чијашто ќерка имаше нечист дух, па откако дојде, падна пред нозете Негови; 26 а таа жена беше друговерка, по потекло Сирофеничанка; и Го молеше да го истера бесот од ќерка ѝ. 27 Но, Исус ѝ рече: – Остави најнапред да се наситат децата; зашто не е добро да се земе лебот од челадта и да им се фрли на кучињата. 28 А таа одговори и Му рече: – Да, Господи, ама и кучињата јадат под трпезата, од трошките на децата. 29 И ѝ рече: – За тој збор, оди си! Бесот излезе од ќерка ти. 30 И кога се врати дома, ја најде ќерка си како лежи на постела, а бесот беше излегол. Крај на четвртокот (Зачало 31) 31 И пак излезе Исус од пределите тирски и сидонски и отиде кон Галилејското Море, низ пределите на Десетградието. 32 И доведоа при Него еден глув и тепкав, па Го молеа да положи на него рака. 33 Исус, откако го одведе настрана од народот, ги стави Своите прсти во неговите уши и, кога плукна, се допре до неговиот јазик; 34 па штом погледна кон небото, воздивна и му рече: – Ефата! – што значи: отвори се! 35 И веднаш му се отвори слухот, и се разврзаа врските на неговиот јазик и говореше чисто. 36 И им заповеда никому да не кажуваат. Но, колку Он им забрануваше, толку повеќе тие разгласуваа. 37 И прекумерно се чудеа и велеа: – Сѐ добро прави: и глувите ги прави да слушаат и немите да зборуваат. |