Online Bible

- Reklamy -

Марко 6 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 6 (Зачало 22)

1 Па излезе оттаму и дојде во татковината Своја; а по Него одеа и учениците Негови. Крај на петокот

2 И кога дојде саботата, Он почна да поучува во синагогата; и мнозина што слушаа, се чудеа и говореа: – Откаде во Него ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце?

3 Не е ли Он дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јакова, Јосија, Јуда и Симона? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови? И се соблазнија заради Него.

4 А Исус им рече: – Нема пророк без чест, освен во земјата своја, меѓу роднините и во својот дом.

5 И не можеше таму да изврши никакво чудо; освен што малку болни излечи, полагајќи ги рацете врз нив.

6 И се чудеше на нивното неверие. Па одеше по околните села и поучуваше.


(Зачало 23)

7 И ги повика дванаесетте, и почна да ги испраќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови. Крај на вторникот

8 Па им заповеда да не земаат ништо за по пат, освен по еден стап: ни торба, ни леб, ниту пари во појасот,

9 но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.

10 И им рече: – Ако влезете негде во куќа, останете во неа, додека не си отидете оттаму.

11 А, ако некои не ве при мат, ниту ве послушаат, штом ќе излезете оттаму, истресете го правот од нозете свои, – ним за сведоштво. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и Гомор во Судниот ден, отколку на тој град.

12 Тие појдоа и проповедаа покајание;

13 и изгонуваа многу бесови, и помазуваа со елеј мнозина болни, и лекуваа. Крај на средата


(Зачало 24)

14 И царот Ирод разбра за Исуса, оти името Негово беше прочуено, па рече: – Јован Крстителот воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.

15 Едни велеа: – Илија е; а други: – пророк е, или како еден од пророците.

16 А Ирод, штом чу, рече: – Тоа е Јован, кому јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите.

17 Зашто самиот Ирод прати да го фатат Јована, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брат му Филипа, оти се ожени со неа.

18 Бидејќи Јован му велеше на Ирода: – Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат.

19 А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше.

20 Оти Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека тој човек е праведен и свет, и го пазеше; многу работи вршеше од послушност кон него, и со пријатност го слушаше.

21 И настана погоден ден, кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и старешини галилејски;

22 и влезе ќерката на Иродијада, играше и им угоди на гостите и на Ирода. Тогаш ѝ рече царот на девојката: – Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам.

23 И ѝ се заколна: – Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.

24 А таа излезе и ја праша мајка си: – Што да побарам? Таа одговори: – Главата на Јована Крстителот.

25 И одеднаш, кога со брзање влезе кај царот, помоли, говорејќи: – Сакам уште сега да ми ја дадеш на табла главата на Јована Крстителот!

26 Царот се загрижи, но заради заклетвата и гостите свои, не сакаше да откаже.

27 И веднаш, кога испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова.

28 А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на табла, па ја предаде на девојката, а девојката ѝ ја даде на мајка си.

29 Учениците, пак, негови, кога разбраа, дојдоа, го зедоа телото негово и го погребаа.


(Зачало 25)

30 И се собраа апостолите при Исуса, па Го известија за сѐ, – и што направиле, и на што поучувале. Крај на Отсекување

31 А Он им рече: – Дојдете сами во осамено место и одморете се малку. Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.

32 И отидоа со кораб сами во осамено место.

33 И ги виде народот дека си одат; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови одеа таму; ги престигнаа и се собраа при Него.

34 А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува на нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.

35 И, бидејќи времето веќе одмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: – Овде местото е пусто, а и доцна е;

36 распушти ги, за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, оти немаат што да јадат.

37 Он им одговори и рече: – Дајте им вие да јадат! А тие Му рекоа: – Да отидеме ли и да купиме за двесте пенези леб, па да им дадеме да јадат?

38 А Он ги праша: – Колку лебови имате? Отидете и видете! И кога видоа, рекоа: – Пет леба и две риби.

39 Тогаш Исус им рече да поседнат во групи, по зелената трева.

40 И поседнаа на редици, – по сто и по педесет.

41 Он ги зеде петте леба и двете риби, па откако погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така ги раздели и двете риби на сите.

42 И јадоа сите и се наситија.

43 И кренаа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви.

44 А оние што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.


(Зачало 26)

45 И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат порано од Него, на другата страна, кон Витсаида, додека Он го распушти народот. Крај на четвртокот

46 И штом се оддели од нив, отиде во гората за да се помоли.

47 Приквечер, коработ беше среде морето, а Он сам на суво.

48 И ги виде како се мачат при пловењето, оти ветерот им беше противен; а околу четвртата стража преку ноќта, се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив.

49 А тие, штом Го видоа како оди по морето, помислија дека тоа е привидение, па извикаа;

50 бидејќи сите Го видоа и се уплашија. Он веднаш почна да говори со нив и им рече: – Не плашете се! Јас сум, не бојте се!

51 И влезе при нив во коработ и ветрот стивна. А тие многу се уплашија и се чудеа во себе;

52 затоа што не се вразумија со лебовите, бидејќи срцето им беше скаменето.

53 И кога преминаа, дојдоа во земјата генисаретска и се запреа таму. Крај на петокот


(Зачало 27)

54 И штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа.

55 Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека се наоѓа Он.

56 И каде и да влегуваше, во села, во градови или населби, на раскрсниците полагаа болни и Го молеа да се допрат барем до крајот на облеката Негова; и сите што се допираа до Него, се спасуваа.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy