Марко 4 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 4 (Зачало 15) 1 И пак почна да поучува покрај морето; и се собра околу Него многу народ; и Он влезе во кораб и седеше во морето, а сиот народ беше на суво, покрај морето. 2 И ги поучуваше многу со параболи, и во учењето Свое им велеше: 3 Слушајте! Ете, излезе еден сејач да сее; 4 и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа. 5 Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока; 6 а кога изгреа сонцето, свенаа, па како немаа корен, се исушија. 7 Некои паднаа во трње, и израснаа трњето, и ги задушија, и не дадоа плод. 8 А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа: кое триесет, кое шеесет, кое сто. 9 И им велеше: – Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на петокот. (Зачало 16) 10 Акога остана сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте Го прашаа за параболата. 11 И им говореше: – Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ бива во параболи; 12 за да гледаат со очи, и да не видат; да слушаат со уши, и да не разбираат; оти се плашат да не се покајат некогаш, та да им се простат гревовите. 13 И им рече: – Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите параболи? 14 Сејачот го сее словото. 15 Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни. 16 Исто и посеаното на камен ги означува оние, кои, штом ќе го чујат словото, веднаш со радост го примаат, 17 но немаат во себе корен и се непостојани; и кога ќе настане жалост или гонение заради словото, веднаш се соблазнуваат. 18 Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото, 19 но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога ќе се населат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно. 20 А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто. 21 И им рече: – Зар се внесува светилото за да се стави под поклоп, или под кревет? Не затоа ли, за да се стави на свеќник? 22 Оти нема ништо тајно, што не ќе биде јавно; ниту, пак, нешто сокриено, а да не излезе на видело. 23 Ако некој има уши да слуша, нека чуе! Крај на понеделникот. (Зачало 17) 24 И им говореше: – Внимавајте на она што го слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде вам, коишто слушате. 25 Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има. 26 И велеше: – Царството Божјо прилега на човек што фрли семе в земја, 27 па спие, и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. 28 Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот. 29 А кога ќе узрее плодот, одеднаш испраќа срп, зашто настанала жетва. 30 И велеше: – Со што да го споредиме царството Божјо; или со каква парабола да го прикажеме? 31 Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни; 32 а кога ќе се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески. 33 И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што можеа да слушаат. 34 И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше. Крај на вторникот (Зачало 18) 35 Тој ден, вечерта, им рече: – Да минеме на спротивната страна. 36 И кога го отпуштија народот, Го зедоа со себе, како што беше во коработ, а имаше и други кораби со Него. 37 И се подигна голема бура, и брановите се префрлуваа во коработ, така што тој веќе пропаѓаше. 38 А Он беше на кормилото и спиеше на зглавник; Го разбудија и Му рекоа: – Учителе, зар не Ти е жал што загинуваме? 39 И кога стана, му заповеда на ветрот и му рече на морето: – Молчи, престани! И ветерот стивна, и настана голема тишина. 40 Па им рече: – Што сте така плашливи? Како немате толку вера? 41 И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: – Кој е, пак, Овој, што и ветерот и морето Го слушаат? Крај на средата |