Марко 3 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 3 1 И пак влезе во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. 2 И внимаваа на Него, дали ќе го исцели во сабота, за да Го обвинат. 3 А Он му рече на човекот со исушената рака: – Застани насреде! 4 Ним, пак, им кажа: – Во сабота дозволено ли е да прави човек добро, или зло? Да спаси една душа, или да ја погуби? Но тие молчеа. 5 Па, кога ги изгледа со гнев, бидејќи му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: – Протегни ја раката своја! И ја протегна, и таа му стана здрава, како и другата. Крај на саботата (Зачало 11) 6 Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со иродовците на совет против Него, како да Го погубат. 7 Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето, и по Него одеше многу народ од Галилеја, и од Јудеја, 8 и од Ерусалим, и од Идумеја и оданде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела правеше, во голем број дојдоа кај Него. 9 И им порача на учениците Свои да Му подготват кораб, поради народот, за да не Му додева; 10 зашто мнозина беше излекувал, така што, сите, кои беа болни, навалуваа на Него, за да се допрат до Него. 11 И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: – Ти си Син Божји! 12 Но Он строго им забрануваше да разгласуваат за Него. Крај на понеделникот (Зачало 12) 13 Потоа, се искачи на гората и ги повика при Себе оние коишто Самиот сакаше, и тие дојдоа при Него. 14 И избра дванаесетмина да бидат со Него, и да ги испраќа да проповедаат; 15 и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат бесови; 16 првиот Симон, кого што го нарече Петар; 17 па Јаков Заведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи: синови на громовите; 18 потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит 19 и Јуда Искариот, којшто и Го предаде. Крај на вторникот (Зачало 13) 20 Идојдоа во една куќа; и повторно се собра народ, така што тие не можеа ни леб да јадат. 21 И кога чуја Неговите домашни, отидоа да Го приберат, оти се говореше дека не бил на Себеси. 22 А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека бесовите ги истерува со силата на кнезот на бесовите. 23 И кога ги повика, им говореше во параболи: – Како може сатаната да изгонува сатана? 24 Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи; 25 и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане; 26 ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи: му дошол крајот и нему. 27 Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш му ја зема покуќнината. Крај на средата (Зачало 14) 28 В истина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат; 29 ама, кој ќе похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред Вечниот суд. 30 Тоа го рече, оти велеа: – Нечист дух е во Него. 31 И дојдоа мајка Му и браќата Негови и, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат. 32 А околу Него седеше народ. И Му рекоа: – Ете, мајка Ти, и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат. 33 А Он им одговори, велејќи: – Која е Мојата мајка, или кои се браќата Мои? 34 Па, откако ги погледна оние што седеа околу Него, рече: – Еве ги Мојата мајка и Моите браќа. 35 Зашто оној што ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка. Крај на четвртокот |