Марко 15 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 15 (Зачало 66) 1 И веднаш утредента, направија совет првосвештениците со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, па, откако Го врзаа Исуса, Го одведоа и Го предадоа на Пилата. Крај на средата 2 И Пилат Го праша: – Ти ли си Царот Јудејски? А Он одговори и рече: – Ти велиш. 3 И првосвештениците Го обвинуваа многу. 4 А Пилат повторно го праша и рече: – Ништо ли не одговараш? Види колку многу сведочат против Тебе! 5 Но Исус ништо повеќе не одговори, така што Пилат се чудеше. 6 А на секој празник им отпушташе по еден осуденик, кого што ќе го побараа. 7 И беше еден по име Варава, осуден со другарите свои, кои во една буна извршиле убиство. 8 И кога извика народот, почна да го моли Пилата да им го направи она, што им го правел секогаш. 9 А тој им одговори и рече: – Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски? 10 Оти знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист. 11 Но, првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава. 12 А Пилат, повторно им одговори и рече: – Што сакате да направам со Оној, што Го именувате Цар Јудејски? 13 Тие одново извикаа, велејќи: – Распни Го! 14 Пилат им рече: – Какво зло направил? Но тие уште посилно извикаа: – Распни Го! 15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава; а Исуса Го биеше и Го предаде да Го распнат. Крај на четвртокот (Зачало 67) 16 Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно, во судницата, и повикаа цела чета, 17 па Му облекоа пурпурна наметка, и откако сплетоа трнов венец, Му го ставија на главата; 18 и почнаа да Го поздравуваат: – Радувај се, Царе Јудејски! 19 И Го биеја по главата со трска и плукаа на Него; паѓајќи на колена, Му се клањаа. 20 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа пурпурната наметка, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат. 21 И натераа еден минувач – некојси Симон Киринеец, таткото на Александар и Руф, којшто се враќаше од поле, да Му го носи крстот. (Зачало 68) 22 Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи. 23 И Му даваа да пие вино со смирна, ама Он не зеде. 24 Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка, – кој, што да земе. Читај во петокот 25 Беше третиот час, и Го распнаа. Изостави пак во петокот 26 И имаше натпис за вината Негова: „Царот Јудејски“. 27 А со Него распнаа и двајца разбојници, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата. 28 И се исполни Писмото, кое вели: „и меѓу беззаконици Го ставија“. 29 А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: – Уа! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, 30 спаси се Себеси и слези од крстот! 31 Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, Му се смееја и велеа: – Другите ги спасуваше, а Себеси не може да се спаси. 32 Христос, Царот Израилев, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме. Крај на шестото евангелие за св. страданија Христови и на ризата Господова Го хулеа и распнатите со Него. Читај во петокот 33 А во шестиот час, настана темнина по целата земја, до деветтиот час. 34 И во деветтиот час, Исус извика гласно, велејќи: – Елои, Елои, лама савахтани? – што значи: – Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил? 35 Некои од оние, што стоеја таму, штом чуја, рекоа: – Ете, го вика Илија. 36 А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па откако го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: – Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне? 37 Исус, пак, кога испушти висок глас, издивна. 38 И храмовата завеса се расцепи на две, одозгора додолу. 39 А стотникот што стоеше спроти Него, кога виде дека Он, откако извика така и издивна, рече: – Навистина Овој Човек бил Син Божји! 40 Имаше и жени што оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалина; и Марија, мајка гледаа им на Јаков Малиот и на Јосија, и Саломија, 41 коишто и тогаш, кога Он беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа; – и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим. Крај на петокот и на третиот час 42 И кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно, спроти сабота, (Зачало 69) 43 Дојде Јосиф од Ариматеја, угледен синедрионец, којшто и самиот го очекуваше царството Божјо, се осмели и влезе при Пилата и го помоли за телото Исусово. 44 Пилат се зачуди дека Он веќ е умрел; и кога го повика стотникот, го праша: – Зар веќе умрел? 45 Па штом узна од стотникот, му го даде телото на Јосифа. 46 А Јосиф купи плаштаница, Го симна и Го обви во плаштаницата, и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа; и навали камен на гробната врата. 47 А Марија Магдалина и Марија Јосиева гледаа каде Го полагаат. Крај на десеттото евангелие за страданијата Христови |