Online Bible

- Reklamy -

Марко 14 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 14

1 По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да Го фатат на измама и да Го убијат;

2 но велеа: – Не на празникот, за да не стане буна меѓу луѓето. Крај на четвртокот


(Зачало 63)

3 Акога беше Он во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот, и седеше на трпезата, дојде една жена со шишенце скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши шишенцето, го изли мирото врз главата Негова.

4 А некои негодуваа во себе и говореа: – Зошто мирото да се растура така?

5 Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста пенези, и да се раздадат на сиромасите. И негодуваа против неа.

6 Но, Исус рече: – Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро дело за Мене.

7 Сиромасите ги имате секо гаш со вас, и кога сакате можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.

8 Тоа што можеше, таа го направи: претходно го помаза телото Мое за погребение.

9 Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и за тоа што го направи таа. Крај на петокот


(Зачало 64)

10 Тогаш Јуда Искариот, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде.

11 А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да Го предаде.

12 Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: – Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?

13 И испрати двајца од учениците Свои, па им рече: – Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, којшто ќе носи вода во стомна; одете по него!

14 И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: Учителот вели: каде е собата, во која ќе ја јадам пасхата со учениците Свои?

15 И тој ќе ви покаже голема соба, послана, готова; – таму згответе ни.

16 И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија пасхата.

17 А кога се стемни, Он дојде со дванаесетте.

18 И кога седеа и јадеа, Исус им рече: – Вистина ви велам: еден од вас, којшто јаде со Мене, ќе Ме предаде.

19 Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: – Да не сум јас?

20 А Он им одговори и рече: – Еден од дванаесетте е, којшто макна со Мене во чинијата.

21 Но Синот Човечки иде, како што е напишано за Него; ама тешко му на тој човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не беше се родил.

22 И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: – Примете, јадете; ова е Моето тело!

23 Кога ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.

24 И им рече: – Оваа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина!

25 Вистина ви велам: Јас повеќе нема да пијам од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.

26 Па, откако испејаа благодарна песна, отидоа на Маслиновата Гора.

27 И им рече Исус: – Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: „ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците“.

28 Но потоа, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја, порано од вас.

29 А Петар Му рече: – Дури и сите да се соблазнат, јас нема.

30 Му рече Исус: – Вистина ти велам: дека уште денеска, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене.

31 Но, тој уште повеќе тврдеше: – Ако треба, дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе. – И сите така рекоа.

32 Пристигнаа во едно место, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: – Седете овде, додека отидам да се помолам!

33 И ги зеде со Себе Петра, Јакова и Јована; се ужаси и почна да тагува.

34 И им рече: – Душата Ми е смртно нажалена; останете тука и бидете будни!

35 И штом се оддалечи малку, падна на земјата и се молеше, за да го одмине оној час, ако е можно;

36 и велеше: – Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку – како Ти.

37 Па, дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петра: – Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден?

38 – Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение; духот е бодар, но телото е слабо.

39 И повторно отиде и се помоли, изговарајќи ги истите зборови.

40 А кога се врати, ги најде пак како спијат, оти очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.

41 И по третпат дојде и им рече: – Спиете, значи, и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешниците.

42 Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава. Крај на вторникот


(Зачало 65)

43 И веднаш, додека Он уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ од првосвештениците, книжниците и старешините со оружје и стапови.

44 А оној што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: – Кого што ќе Го целивам, Тој е; фатете Го и водете Го претпазливо!

45 Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: – Рави, Рави! И Го целива.

46 А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија.

47 Еден, пак, од оние што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.

48 Исус им одговори и рече: – Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?

49 Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не Ме фативте. Но нека се исполни Писмото.

50 И кога Го оставија, сите се разбегаа.

51 А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија.

52 Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.

53 И Го доведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа таму сите првосвештеници, старешини и книжници.

54 А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на првосвештеникот; па седна со слугите и се грееше на огнот.

55 Првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа.

56 Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но сведоштвата не беа еднакви.

57 И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:

58 – Чувме дека Он говореше: ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен.

59 Ама ни ова нивно сведочење не беше еднакво.

60 И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса, говорејќи: – Ништо ли не одговараш, што сведочат овие против Тебе?

61 Но Он молчеше и ништо не одговараше. Првосвештеникот повторно Го праша и Му рече: – Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?

62 Исус рече: – Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на силата и како доаѓа на облаците небески.

63 А првосвештеникот, пак, штом ги раскина алиштата свои, рече: – Што ќе ни се повеќе сведоци?

64 Чувте како хули на Бога; како ви се чини? И сите тие признаа дека заслужува смрт.

65 И некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриаат лицето, да Го бијат и да Му велат: – Проречи! И слугите Го удираа по образите.

66 Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот,

67 па штом го виде Петра да се грее, погледна во него и рече: – И ти беше со Исуса Назареецот.

68 Но тој одрече, велејќи: – Не знам, ниту разбирам што говориш. И излезе надвор, пред дворот; и запеа петел.

69 Слугинката, кога го виде повторно, почна да им говори на оние што стоеја таму: – И овој е од нив.

70 Тој пак одрече. Подоцна, оние што стоеја таму му рекоа на Петра: – Навистина и ти си од нив; бидејќи си Галилеец, а и говорот ти е таков.

71 А тој почна да се колне и се заколна: – Не Го познавам Тој Човек, за Кого што говорите.

72 И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: – уште пред двапати да запее петел, трипати ќе се одречеш од Мене. И почна да плаче.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy