Марко 12 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 12 (Зачало 53) 1 И почна да им говори во параболи: – Еден човек насади лозје, и го загради со плот, па ископа бунар и соѕида кула; и кога го предаде на лозарите, си отиде. 2 А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето. 3 Но, тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен. 4 И пак испрати при нив друг слуга; и него го биеја со камења, му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен. 5 Испрати и друг; и него го убија; и мнозина други, или натепаа, или, пак, ги убија. 6 Па, бидејќи имаше уште еден син, нему мил, го испрати најпосле и него при нив, велејќи: – Ќе се засрамат од сина ми. 7 Но, лозарите си рекоа помеѓу себе: – Овој е наследникот; ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше. 8 Па како го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. 9 Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други. 10 Зар не сте читале во Писмото: „каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен аголен: 11 тоа е од Господа, и прекрасно е во очите наши“! 12 И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, оти разбраа, дека за нив ја кажа параболата; и кога Го оставија, си отидоа. Крај на петокот (Зачало 54) 13 И испратија кај Него некои од фарисеите и од иродовците, за да Го фатат во збор. 14 Тие дојдоа и Му рекоа: – Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме? 15 А Он, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: – Зошто Ме искушувате? Донесете ми една пара да ја видам! 16 И тие донесоа. Па им рече: – Чиј е овој лик и натпис? Му рекоа: – На царот. 17 А Исус им одговори и рече: – Дајте го царевото на царот, а Божјото на Бога! И тие Му се чудеа. Крај на понеделникот (Зачало 55) 18 Дојдоа при Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи: 19 – Учителе, Мојсеј ни напиша: – ако некому му умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си. 20 Беа седум браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород. 21 Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто и третиот. 22 Ја земаа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената. 23 При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив ќе биде жена? Оти седуммина ја имаа како жена. 24 А Исус им одговори и рече: Не се лажете ли за ова, бидејќи не ги познавате Книгите, ниту силата Божја. 25 Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а се како ангели на небесата. 26 А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеја, како му рече Бог при капината: „Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаасков, и Бог Јаковов“? 27 Но, Он не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете. Крај на вторникот (Зачало 56) 28 Тогаш пристапи еден од книжниците, којшто ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го праша: – Која е прва од сите заповеди? 29 А Исус му одговори: – Прва од сите заповеди е: „Чуј Израиле! Господ, Бог ваш, е еден Господ; 30 и, возљуби Го Господа својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила“! Тоа е првата заповед. 31 А втората е слична на неа: „Возљуби го својот ближен како себеси“! Друга заповед, поголема од овие, нема. 32 Книжникот Му рече: – Добро, Учителе. Право кажа, дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него; 33 и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите сепаленици и жртви. 34 Исус, пак, кога виде дека умно одговори, му рече: – Не си далеку од царството Божјо. По тоа, никој веќе не смееше да Го праша. 35 И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: – Како говорат книжниците, дека Христос е син Давидов? 36 Самиот, пак, Давид кажа преку Светиот Дух: „Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои“. 37 И така, самиот Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Он син? И многу народ Го слушаше со сладост. Крај на средата (Зачало 57) 38 И им говореше во Својата поука: – Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат променети и да ги поздравуваат по улиците, 39 и предни седишта во синагогите, и први места на гозбите. 40 Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени. 41 И седна Исус спроти ковчежето, па гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу. 42 И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што прават еден кодрант. 43 А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: – Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите коишто пуштија во ковчежето; 44 зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целата своја живејачка. Крај на четвртокот |