Online Bible

- Reklamy -

Марко 10 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 10

1 Па кога стана Исус оттаму, премина во пределите јудејски, оданде Јордан. И пак приоѓаше народ кон Него; а Он, според Својот обичај, ги поучуваше. Крај на понеделникот


(Зачало 43)

2 И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: – Допуштено ли е, да ја остави човек својата жена?

3 А Он им одговори и рече: – Како ви заповеда Мојсеј?

4 Тие рекоа: – Мојсеј дозволи да се напише разводно писмо и да се отпушти.

5 Одговори Исус и им рече: – Заради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед.

6 Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена.

7 Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си,

8 и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело.

9 А Бог што соединил, човек да не разделува.

10 И во домот, учениците Негови повторно Го прашаа за тоа.

11 И им рече: Кој ќе ја напушти својата жена и ќе се ожени со друга, тој прељубодејствува кон неа;


(Зачало 44)

12 а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува. Крај на вторникот. Призив на Св. Дух

13 И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа.

14 Кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: – Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на таквите е царството Божјо.

15 Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.

16 И кога ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше. Крај на средата


(Зачало 45)

17 И кога излегуваше на пат, притрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: – Благ Учителе, што треба да направам, за да наследам живот вечен?

18 А Исус му рече: – Зошто Ме нарекуваш благ? Никој не е благ, освен Единиот Бог.

19 Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај го татка си и мајка си.

20 А тој Му одговори и рече: – Учителе, сето тоа сум го запазил од младоста моја.

21 Кога го погледна Исус, му омиле, па му рече: – Едно не ти достига: оди и продај сѐ што имаш, и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; дојди и врви по Мене, откако ќе го земеш крстот.

22 Тој, пак, кога се смути од тие зборови, си отиде нажален, бидејќи имаше големо богатство.

23 И кога погледа Исус, им рече на учениците Свои: Колку е тешко да влезат во царството Божјо оние што имаат богатство.


(Зачало 46)

24 А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но, Исус повторно им одговори и рече: – Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!

25 Полесно е камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.

26 А тие се чудеа многу и си велеа помеѓу себе: – Тогаш, кој може да се спаси?

27 Кога ги погледа Исус, им рече: – За луѓето тоа е невозможно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно. Крај на четвртокот

28 И, Петар почна да Му говори: – Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одевме.

29 А Исус им одговори и рече: – Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието,

30 а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќа, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нива, а во идниот век – и живот вечен.

31 И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.

32 Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени; па, врвејќи по Него, се плашеа. Крај на петокот И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува што ќе се случи со Него:


(Зачало 47)

33 – Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на незнабошците.

34 И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.

35 Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: – Учителе, сакаме да ни направиш она што ќе го побараме.

36 Он ги праша: – Што сакате да ви направам?

37 А тие Му одговорија: – Дај ни да седнеме при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.

38 Но Он им рече: – Не знаете што сакате! Можете ли да ја пиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштението, со коешто се крштевам Јас?

39 Тие Му одговорија: – Можеме! А Исус им рече: – Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете, и со крштението, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите;

40 но, да дозволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за коишто е подготвено.

41 Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована.

42 А Исус, кога ги повика, им рече: – Знаете дека оние што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.

43 Но меѓу вас нема да биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;

44 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.

45 Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина. Крај на неделата


(Зачало 48)

46 Потоа, пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше.

47 Па, откако чу оти е тоа Исус Назареецот, почна да вика и да вели: – Исусе, сине Давидов, помилуј ме!

48 И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: – Сине Давидов, помилуј ме!

49 Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: – Не бој се, стани, те вика!

50 Тој, кога ја фрли наметката своја, стана и дојде при Исуса.

51 А Исус, одговарајќи му, го праша: – Што сакаш да ти направам? Слепиот Му рече: – Да прогледам, Учителе!

52 Исус му рече: – Оди си, верата твоја те спаси! И тој веднаш прогледа, па тргна патем, по Исуса. Крај на понеделникот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy