Online Bible

- Reklamy -

Лука 9 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 9 (Зачало 40)

1 Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести,

2 и ги испрати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.

3 И им рече: – Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате;

4 но, во која куќа ќе влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат;

5 а, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, за сведоштво на нив!

6 А кога излегоа, тие одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде. Крај на саботата


(Зачало 41)

7 И род четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;

8 други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека воскреснал еден од старите пророци.

9 И рече Ирод: – На Јована, јас му ја отсеков главата; ама кој ли е Овој, за Кого што слушам толку? И сакаше да Го види.

10 А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, кога ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида.

11 Но народот, штом разбра, тргна по Него; и кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување. Крај на четвртокот

12 А денот почна да намалува. И се приближија до Него дванаесетте и Му рекоа: Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; оти овде сме во пусто место.


(Зачало 42)

13 Но Он им рече: – Дајте им вие да јадат! Тие одговорија: – Ние немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.

14 Тие, пак, беа околу пет илјади мажи. Ама Он им рече на учениците Свои: – Кажете им да поседнат во групи по педесет.

15 И направија така, и ги поредија сите.

16 А Он, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги прекрши и им ги даде на учениците, за да ги стават пред народот.

17 И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.


(Зачало 43)

18 Еднаш, кога Исус се молеше насамо, и учениците Негови беа со Него, Крај на петокот Он ги праша: – За кого Ме мисли народот?

19 Тие одговорија и рекоа: – Едни за Јована Крстителот, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.

20 Он им рече: – А вие, за кого Ме мислите? Петар одговори и рече: – За Христа Божји!

21 И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа,

22 велејќи, дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и на третиот ден ќе воскресне. Крај на понеделникот


(Зачало 44)

23 Ана сите им зборуваше: – Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека врви по Мене!

24 Оти, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси.

25 Зашто, каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а себеси се погуби или си направи зло?

26 Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се посрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.

27 Вистина ви велам, Овде стојат некои, што не ќе вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо. Крај на вторникот


(Зачало 45)

28 На осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петра, Јована и Јакова, и се искачи на планината, да се помоли.

29 И кога се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му постана бела и светла.

30 И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија;

31 па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за Неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим.

32 А Петра, и оние што беа со него, беше ги совладал сонот; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.

33 И кога се разделуваа од Него, Петар Му рече на Исуса: – Учителе, добро ни е овде; да направиме три сеници: за Тебе една, за Мојсеја една, и за Илија една – не знаејќи што зборува.

34 Кога го велеше тоа, одеднаш се јави облак и ги засени, и се уплашија, штом влегоа во облакот.

35 И се чу глас од облакот, кој велеше: – Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!

36 А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тие дни за она што беа виделе. Крај на Преображение


(Зачало 46)

37 Ана другиот ден, кога слегоа од гората, Го пресретна многу народ.

38 И ете, некој од народот извика: – Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син, оти ми е единец!

39 Го прифаќа духот и тој наеднаш вриска; го крши силно, така што пена му се појавува; и кога ќе го измачи, одвај го напушта.

40 Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.

41 Одговори Исус и рече: – О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!

42 И тој, уште додека идеше, бесот го кутна и почна да го крши. Но Исус му нареди на нечистиот дух, и го излечи момчето, и го предаде на татка му.

43 И сите се чудеа на величието Божјо. Крај на саботата И додека се чудеа сите на сѐ што правеше Исус, Он им рече на учениците Свои:


(Зачало 47)

44 – Ставете ги во ушите свои овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки!

45 Но, тие не го разбраа овој збор; зашто беше сокриен од нив за да не го сфатат, а се бојеа да Го прашаат за неговото значење.

46 И им дојде мисла: кој од нив е најголем.

47 А Исус, кога ја виде мислата од нивните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе,

48 па им рече: – Кој ќе го прими ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој е голем.


(Зачало 48)

49 Одговори Јован и рече: – Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас. Крај на средата

50 Исус му рече: – Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.

51 А кога наближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим;

52 и испрати пред Себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да подготват за Него.

53 Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник што оди во Ерусалим.

54 Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: – Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?

55 Но Он се сврте кон нив, им забрани и рече: – Не знаете од каков дух сте вие;

56 зашто Синот Човечки не дојде за да погубува човечки души, туку да спаси. И отидоа во друго село. Крај на четвртокот. Изостави на св. Убрус и премини на зач. 52


(Зачало 49)

57 Акога одеа по патот, некој Му рече: – Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш!

58 Исус му рече: – Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде главата да ја потслони.

59 На друг, пак, му рече: – Врви по Мене! А тој одговори: – Господи, дозволи најнапред да отидам и да го погребам татка ми!

60 Но Исус му рече: – Остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божјо!

61 А еден друг рече: – Господи, ќе идам по Тебе, но дозволи ми најнапред да се простам со своите домашни.

62 Но Исус му рече: – Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божјо. Крај на саботата

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy