Лука 8 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 8 (Зачало 34) 1 Потоа, Он одеше по градовитеиселата, проповедајќи и благовестувајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте, 2 и некои жени што беа излечени од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони; 3 и Јоана, жената Хузанова, настојникот Иродов; и Сусана, и многу други, коишто Му служеа со своите имоти. Крај на вторникот 4 А кога се собра многу народ, и кога жителите од сите градови приоѓаа кај Него, Он ја кажа оваа парабола: (Зачало 35) 5 И злезе сејач да сее семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; 6 а друго падна на камен, па штом никна – се исуши, оти немаше влага; 7 едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, и го задушија; 8 а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод. Зборувајќи го ова, извика: кој има уши да слуша, нека чуе! 9 А учениците Негови Го прашаа, велејќи: – Што значи таа парабола? 10 Он рече: – Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се говори во параболи, та, гледајќи – да не видат, и слушајќи – да не разбираат. 11 А оваа парабола значи: – Семето е словото Божјо. 12 Она, што падна покрај патот се тие, што слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат; 13 а она на камен – се оние кои, кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; ама немаат корен и веруваат некое време, па штом ќе дојдат искушенија, тие се откажуваат; 14 тоа, пак, што падна меѓу трње – се оние, кои го слушаат словото, но кога ќе отидат, се оддаваат на грижи, богатство и наслади од овој живот и не донесуваат плод; 15 а оние на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение. Штом го рече тоа, извика: – Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на неделата (Зачало 36) 16 Никој, кога ќе запали свеќа, не ја поклопува со сад, ниту ја става под кревет, туку ја поставува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат. 17 Оти нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело. 18 Значи, внимавајте како слушате; зашто, кој има – ќе му се даде; а кој нема – ќе му се одземе и она што мисли дека го има. 19 Дојдоа, пак, кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да се приближат до Него поради народот. 20 И Му јавија, велејќи: – Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат. 21 А Он им одговори и рече: – Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат. Крај на саботата (Зачало 37) 22 И се случи, еден ден, да влезе Он во кораб со учениците Свои и им рече: – Да преминеме од другата страна на езерото! – и појдоа. 23 А кога пловеа, – заспа. Над езерото се појави силен ветер, па водата ги плискаше, и беа во опасност. 24 Пристапија и Го разбудија, говорејќи: – Наставниче, Наставниче, загинуваме! А Он, штом се разбуди, им заповеда на ветрот и на брановите; и тие се смирија – и настана тишина. 25 И им рече: – Каде е верата ваша? А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: – Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат? Крај на средата (Зачало 38) 26 И пристигна во гадаринскиот крај, спроти Галилеја. 27 А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, којшто имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку во гробовите. 28 Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: – Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме! 29 Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со синџири го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди по пусти места. 30 А Исус го праша, велејќи: – Како ти е името? Тој одговори: – Легион, зашто многу бесови беа влегле во него. 31 И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната. 32 А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им дозволи да влезат во нив. И им дозволи. 33 Па, откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се стрчаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото. 34 Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околијата. 35 И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи при нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија. 36 А оние што беа виделе, им кажаа како се спаси бесомачниот. 37 И сиот народ од гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати. 38 Човекот, пак, од кого излегоа демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: 39 – Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град што му направи Исус. Крај на неделата (Зачало 39) 40 Акога се врати Исус, народот Го пресретна, оти сите Го очекуваа. 41 И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата; па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да отиде во домот негов, 42 зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години, и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. 43 И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот беше го потрошила по лекари, и ниеден не можел да ја излечи, 44 пристапувајќиодзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението. 45 И рече Исус: – Кој се допре до Мене? А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: – Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: – Кој се допре до Мене? 46 Но, Исус рече: – Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене. 47 Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па откако падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела, и дека веднаш оздравела. 48 А Он ѝ рече: – Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир! 49 Додека Он уште говореше, дојде некој од управникот на синагогата и Му рече: – Ќерка ти умре; не мачи Го Учителот! 50 Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: – Не бој се! Само верувај, и ќе биде спасена! 51 А кога пристигна во куќата, никому не дозволи да влезе, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојката. 52 Сите плачеа и ридаа по неа; но Он им рече: – Не плачете; таа не е умрена, туку спие! 53 И Му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. 54 А Он, откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: – Девојко, стани! 55 И се поврати нејзинот дух, и стана веднаш; и заповеда да ѝ дадат да јаде. 56 И се зачудија родителите нејзини. А Он им заповеда никому да не кажуваат за тоа што стана. Крај на неделата |