Лука 7 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 7 (Зачало 29) 1 И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, Он влезе во Капернаум. Крај на средата 2 Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше. 3 Па кога чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов. 4 А тие, штом дојдоа при Исуса, Го молеа усрдно и велеа: – Достоен е да му го направиш тоа, 5 бидејќи го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи. 6 И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги испрати пријателите свои при Него, говорејќи: – Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив; 7 затоа и самиот себе не се најдов за достоен да дојдам при Тебе; туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; 8 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на едниот: оди, и тој оди; на другиот: дојди, и тој доаѓа; и на слугата свој: направи тоа, и тој прави! 9 Штом го чу тоа, Исус се зачуди, и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: – Ви велам, ниту во Израилот не најдов толку голема вера! 10 Испратените кога се врати ја, го најдоа болниот слуга здрав. Крај на саботата. (Зачало 30) 11 И се случи потоа, да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ. 12 А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. 13 Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: – Не плачи! 14 И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: – Момче, тебе ти велам, стани! 15 Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и ѝ го предаде на мајка му. 16 И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: – Голем пророк се јави меѓу нас. И Бог го посети Својот народ. Крај на неделата (Зачало 31) 17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околија. 18 И му соопштија на Јована, учениците негови, за сето тоа. 19 Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: – Ти ли си Оној, што треба да дојде, или друг да чекаме? 20 И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: – Јован Крстителот нѐ испрати при Тебе, велејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме“? 21 Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид. 22 И им одговори Исус и рече: – Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат, лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието; 23 и блажен е оној, кој не ќе се соблазни заради Мене. 24 А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: – Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветер? 25 Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат убаво и живеат богато, по царските палати се. 26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк. 27 Овој е, за кого што е напишано: „Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, којшто ќе го подготви патот Твој пред Тебе“. 28 Оти ви кажувам: меѓу родените од жени, нема ниеден поголем пророк од Јована Крстителот; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него. 29 И сите луѓе што слушаа, и цариниците, Му заблагодарија на Бога, дека се беа крстиле со крштението Јованово; 30 а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, оти не беа крстени од него. Крај на четвртокот и на св. Јован (Зачало 32) 31 И рече Господ: – Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични? 32 Тие личат на деца што седат по пазариштата и си викаат едно на друго, велејќи: – ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте! 33 Зашто, дојде Јован Крстителот, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а велите: – Бес има! 34 Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: овој човек е ненаситен и пијаница, пријател на цариниците и грешниците! 35 И се оправда Премудроста од сите свои чеда. Крај на петокот (Зачало 33) 36 Еден од фарисеите Го замоли да јаде со него; и Он, кога влезе во ку ќата на фарисејот, седна на трпезата. 37 И, ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро; 38 па, откако застана одзади при нозете Негови, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро. 39 А кога го виде тоа фарисејот, што беше Го поканил, рече во себе, велејќи: – Овој, да е пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница. 40 Му одговори Исус и рече: – Симоне, имам нешто да ти кажам. А тој одврати: – Учителе, кажи! 41 Исус му рече: – Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини пенези, а другиот – педесет. 42 Ама, бидејќи немаа тие да му вратат, тој им прости на двајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува? 43 Симон одговори и Му рече: – Мислам оној, кому повеќе му простил. А Он му рече: – Правилно пресуди. 44 И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: – Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри. 45 Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои. 46 Ти со масло не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои. 47 Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се простува, мала и љубов има. 48 Нејзе, пак, ѝ рече: – Ти се простуваат гревовите! 49 А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: – Кој е Овој што и гревови простува? 50 На жената, пак, ѝ рече: – Верата твоја те спаси; оди си со мир! Крај на понеделникот и на св. маченички |