Лука 5 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 5 (Зачало 17) 1 Еднаш, навалуваше народот кон Него, за да го слуша словото Бож јо, а Он стоеше покрај Генисаретското Езеро. 2 И виде два кораба, кои стоеја покрај езерото; а рибарите беа излегле од нив, и си ги плавеа мрежите. 3 Откако влезе во еден од корабите, којшто беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и од коработ го поучуваше народот. 4 А штом престана да говори, му рече на Симона: – Заплови во подлабокото и фрлете ги мрежите свои за лов! 5 Но, Симон Му одговори и рече: – Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; ама поради Твојот збор, ќе ја фрлам мрежата. 6 И штом го направија тоа, уловија голема количина риба, та дури мрежата им се скина. 7 Им дадоа знак на другарите, коишто беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба, така што за малку ќе потонеа. 8 А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: – Оди си од Мене, Господи, оти сум човек грешен! 9 Зашто беше влегол страв во него, и во сите кои беа со него, од тој лов на риби што ги уловија; 10 а исто така и во Јакова и Јована, синовите Заведееви, кои му беа другари на Симона. И му рече Исус на Симона: – Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе! 11 Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него. Крај на неделата (Зачало 18) 12 Акога беше Исус во еден град, дојде некој човек сиот лепрозен, и штом Го виде Исуса, падна ничкум и, молејќи Му се, рече: – Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш! 13 Исус протегна рака, се допре до него и рече: – Сакам, очисти се! И веднаш лепрата падна од него. 14 И Он му заповеда никому да не кажува; и му рече: – Оди и покажи се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво! 15 Но уште повеќе се разнесуваше гласот за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и да ги лекува болестите нивни. 16 А Он одеше во пустина и се молеше. Крај на вторникот (Зачало 19) 17 И еден ден, кога поучуваше Он, и седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим, и силата Господова беше таа што ги лекува. 18 И, ете, некои донесоа на постелка еден човек, кој беше фатен, и сакаа да го внесат и да го стават пред Него; 19 па, откако не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосѐ постелката, насреде, пред Исуса. 20 А Он, штом ја виде верата нивна, рече: – Човеку, ти се простуваат гревовите! 21 Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: – Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен Единиот Бог? 22 А Исус, штом ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: – Што размислувате во срцата свои? 23 Што е полесно да се каже: ти се простуваат гревовите, или да се каже: стани и оди? 24 Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите; му рече на фатениот: – Тебе ти велам: стани, земи си ја постелката и оди си дома! 25 И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на коешто лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога. 26 Ужас ги опфати сите и Го славеа Бога; па, откако се исполнија со страв, говореа: – Чудни работи видовме денеска! Крај на саботата (Зачало 20) 27 Апотоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој седеше на царинарницата, и му рече: – Врви по Мене! 28 Тој остави сѐ, стана и тргна по Него. 29 И во својот дом, Левиј Му приготви голема гозба; и таму имаше многу цариници и други кои седеа на трпезата со нив. 30 А книжниците и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: – Зошто со цариници и грешници јадете и пиете? 31 Исус им одговори и рече: – Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; 32 не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание. Крај на саботата (Зачало 21) 33 Атие Му рекоа: – Зошто учениците на Јована често постат и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат? 34 Он им рече: – Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот? 35 Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот, и тогаш ќе постат, во тие дни. 36 Им ја кажа и оваа парабола: – Никој не става нова крпа на стара облека, оти и новата ќе се искине, а и на старата не ѝ прилега новата. 37 И никој не налева ново вино во стари мевови; зашто, новото вино ќе ги распука мевовите, и тоа ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат; 38 но, ново вино треба да се тура во нови мевови; па така ќе се запази и едното и другото. 39 И никој, откако пиел старо вино, нема да побара ново; оти вели: – старото е подобро. Крај на средата |