Лука 4 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 4 (Зачало 12) 1 И сполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината; Крај на вторникот 2 четириесет дена беше искушуван од ѓаволот, и ништо не јадеше во тие дни; 3 и Му рече ѓаволот: Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб. 4 А Исус му одговори и рече: – Напишано е, дека не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор Божји. 5 И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот, во еден миг, Му ги покажа сите царства на светот. 6 И Му рече ѓаволот: – Тебе ќе ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. 7 Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое. 8 Но, Исус му одговори и рече: – Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: „На Господа твојот Бог ќе Му се поклонуваш и само Нему ќе Му служиш“! 9 И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на стреата од храмот, па Му рече: – Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! 10 Зашто е напишано: „На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат; 11 и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш некако ногата Своја на камен“. 12 А Исус му одговори и рече: – Речено е: „Не искушувај Го Господа, својот Бог“! 13 Па, откако заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него, за некое време. 14 И се врати Исус со духовна сила во Галилеја; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај. 15 А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите. Крај на средата (Зачало 13) 16 И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и според обичајот Свој, еден саботен ден влезе во синагогата, па стана да чита. 17 Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Он, штом ја отвори книгата, го најде местото, каде што беше напишано: 18 „Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме испрати да ги исцелам скршените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; 19 да ја проповедам благопријатната година Господова“! 20 И откако ја затвори Книгата и му ја даде на слугата, седна; и очите на сите во синагогата беа вперени во Него. 21 И почна да им говори: – Денеска се исполни ова Писмо, што го чувте. 22 И сите Му посведочија, И се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова Крај на четвртокот и на Црковна нова година и велеа: – Не е ли Овој синот на Јосифа? (Зачало 14) 23 А Он им рече: – Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: лекаре, излечи се сам! Направи го и овде, во Твојата татковина, она што чувме дека се случило во Капернаум. 24 Па рече: – Вистина ви велам: ниеден пророк не е омилен во татковината своја. 25 Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци, и настана голем глад по целата земја; 26 и при ниедна од нив не беше испратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска; 27 и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман. 28 А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев; 29 па, откако станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот на планината, каде што беше соѕидан нивниот град, за да го турнат одозгора. 30 Но Он си помина меѓу нив и си отиде. Крај на петокот и на светителот (Зачало 15) 31 И слезе во Капернаум, во градот галилејски, и ги поучуваше во саботите. 32 И се чудеа на Неговото учење, зашто зборот Му беше со власт. 33 Во синагогата се наоѓаше еден човек, во кого имаше нечист бесовски дух, и тој извика гласно: 34 – О, што имаш со нас Ти, Исусе Назарејче? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светецот Божји. 35 А Исус му заповеда, говорејќи: – Молкни, и излези од него! Па, откако го кутна насреде, бесот излезе од него и ништо лошо не му направи. 36 И сите се уплашија, и расудуваа, говорејќи помеѓу себе: – Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат? Крај на саботата (Зачало 16) 37 Па се разнесе глас за Него по сите околни места. 38 Штом излезе од синагогата, влезе во ку ќата Симонова; а тештата на Симона имаше силна треска, и Го помолија за неа. 39 И, откако застана над неа, Он ѝ заповеда на треската и таа ја остави; и таа веднаш стана и им служеше. 40 А на зајдисонце, сите што имаа болни од разни болести ги доведуваа при Него; и Он, полагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше. 41 Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: – Ти си Христос, Синот Божји. А Он им забрануваше и не им дозволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос. 42 Кога се раздени, Он излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа, па кога дојдоа при Него, Го задржуваа да не си оди од нив. 43 А Он им рече: – И на другите градови треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, бидејќи за тоа сум испратен. 44 И проповедаше по синагогите галилејски. Крај на понеделникот |