Лука 24 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 24 (Зачало 112) 1 И во првиот ден по саботата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги подготвените мириси, а заедно со нив беа и некои други; 2 ама плочата на гробот ја најдоа превртена. 3 И откако влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса. 4 И додека се чудеа на тоа, одеднаш застанаа пред нив двајца мажи во светли облеки; 5 тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: – Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? 6 Не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја, 7 говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден во рацете на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне. 8 И се сетија на Неговите зборови. 9 Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други. 10 А тие беа Марија Магдалина, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, што им го кажаа тоа на апостолите. 11 И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа. (Зачало 113) 12 Но, Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, ја виде внатре само плаштаницата и се врати, чудејќи се самиот во себе за она што се случило. Крај на четвртото воскресно евангелие 13 Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии; 14 и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани. 15 И кога разговараа и се прашуваа еден со друг, Самиот Исус им се приближи и одеше со нив; 16 но очите им се замрежија за да не Го познаат. 17 А Он им рече: – Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе, одејќи и зошто сте нажалени? 18 Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: – Само Ти ли си туѓинец во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни? 19 И ги праша: – Што? Тие Му одговорија: – Она што стана со Исуса Назареецот, Којшто беше пророк, силен на дело и слово, пред Бога и пред целиот народ; 20 како нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа; 21 а ние се надевавме, дека Овој е што требаше да го избави Израилот; но, и покрај сето тоа, денеска е веќе трети ден, откако стана ова. 22 А и некои жени од нашите нѐ исплашија; тие биле рано на гробот, 23 и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и им кажале дека Он е жив. 24 Отидоа на гробот и некои од нашите и нашле исто така, како што рекоа жените; ама Него не Го виделе. 25 Тогаш Он им рече: – О, безумни и тврди по срце, да верувате во сѐ што рекле пророците! 26 Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава? 27 Па, откако почна од Мојсеја и од сите пророци, им говореше што е кажано за Него во целото Писмо. 28 И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи. 29 Но тие Го задржаа, велејќи: – Остани со нас, оти денот измина и наскоро ќе се стемни. Он влезе и остана со нив. 30 А кога седеше со нив на трпезата, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаваше; 31 тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив. 32 И си рекоа еден на друг: – Зар не гореа срцата наши кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото? 33 И во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив, 34 коишто говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона. 35 И тие им кажаа за она што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршуваше лебот. Крај на вторникот и на петтото воскресно евангелие (Зачало 114) 36 Тие додека уште говореа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: – Мир вам! 37 А тие се збунија и така преплашени помислија дека гледаат дух, 38 но Он им рече: – Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? 39 Видете ги рацете Мои и нозете Мои: – Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а како што гледате, – Јас имам. 40 А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете. 41 Но, бидејќи тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Он им рече: – Имате ли овде нешто за јадење? 42 Тие Му дадоа едно парче печена риба и мед со саќе. 43 И кога зеде, јадеше пред нив. 44 Па им рече: – Ете, тоа е за кое ви зборував уште додека бев со вас, оти треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите. 45 Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата, 46 и им рече: – Така е напишано и така требаше да пострада Христос, и да воскресне од мртвите на третиот ден, 47 и да биде проповедано во Негово име покајание и прошка на гревовите при сите народи, почнувајќи од Ерусалим; 48 а вие сте сведоци за ова. 49 И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветеното од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора. 50 И ги изведе надвор од Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. 51 И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесуваше на небото; 52 тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост. 53 И беа постојано во храмот, каде што Го славеа и благословуваа Бога. Амин! |