Online Bible

- Reklamy -

Лука 23 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 23 (Зачало 110)

1 И сето мноштво стана, па Го поведоа кај Пилата, Крај на вторникот од Сирната седмица

2 и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: – Го најдовме Овој како го бунтува народот наш и забранува да се дава данок на царот, и вели за Себе дека Он е Христос – Цар.

3 А Пилат Го праша, велејќи: – Ти ли си Царот Јудејски? Он одговори и му рече: – Ти велиш.

4 Пилат им рече на првосвештениците и на народот: – Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.

5 Но, тие и понатаму велеа, дека Он го изопачува народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па довде.

6 А Пилат штом чу за Галилеја, праша: – Зар Овој Човек е Галилеец?

7 И кога разбра дека е Он од областа Иродова, Го испрати при Ирода, кој во тие денови, исто така, беше во Ерусалим.

8 Ирод, кога Го виде Исуса, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше да види некое чудо направено од Него,

9 и Му поставуваше многу прашања, ама Он ништо не одговараше.

10 Но, првосвештениците и книжниците стоеја и постојано Го обвинуваа.

11 А Ирод, со војниците свои, кога Го понизи и Му облече светла облека, повторно Го испрати при Пилата.

12 И во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, оти порано беа скарани помеѓу себе.

13 А Пилат ги повика првосвештениците и управниците, и народот,

14 па им рече: – Ми Го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате;

15 и Ирод исто така, бидејќи Го испратив и кај него; и ете, Он не направил ништо, за што би заслужувал смрт;

16 па, затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.

17 А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.

18 Но сиот народ повика, говорејќи: – Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!

19 Варава беше фрлен во затвор, поради некаква буна во градот и убиство.

20 Пилат одново извика гласно, дека сака да Го пушти Исуса.

21 Но, тие викаа, велејќи: – Распни Го, распни!

22 Тој, и по третпат им рече: – Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо, за што заслужува смрт; па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.

23 Но тие постојано навалуваа со голем повик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.

24 И Пилат пресуди да им биде според желбата нивна,

25 и им го пушти затворениот, којшто беше во темница за бунт и убиство, за кого што молеа; а Исуса им Го предаде на нивната волја.

26 И кога Го поведоа, го фатија некојси Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го кладоа крстот, за да го носи по Исуса.

27 А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.

28 Но Исус, кога се заврти кон нив, им рече: – Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца;

29 зашто, ете, наближуваат деновите кога ќе се рече: – блазе на неплодните и на утроби што не родиле, и на гради што не доеле.

30 Тогаш ќе почнат да им велат на планините: – паднете врз нас; и на ридиштата: – покријте нѐ!

31 Зашто, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?


(Зачало 111)

32 Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него.

33 И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево.

34 А Исус рече: – Оче, прости им, оти не знаат што прават! Изостави во четвртокот од Сирната седмица И кога ги делеа алиштата Негови, фрлија ждрепка.

35 А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и началниците, велејќи: – Други спаси, нека се спаси и Себеси, ако е Он Христос, избраникот Божји.

36 Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие му принесуваа оцет,

37 и велеа: – Ако си ти Царот Јудејски, спаси се Самиот!

38 А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: Овој е Царот Јудејски. Читај на Вел. Петок, вечерта

39 Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: – Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!

40 А другиот, кога одговори, го искара и рече: – Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и самиот осуден?

41 Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но, Он ништо лошо не направил.

42 Па Му рече на Исуса: – Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!

43 Исус му рече: – Вистина ти велам: денеска ќе бидеш со Мене во рајот! Премини на Вел. Петок, вечерта, на зачало 113-то според Матеја Читај во четвртокот од Сирната седмица

44 А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час;

45 и сонцето потемне, и храмовата завеса се расцепи преку средината.

46 И Исус извика гласно и рече: – Оче, во Твоите раце Го предавам Својот дух! И штом го рече тоа, издивна.

47 А стотникот, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: – Навистина Овој Човек бил праведник!

48 И сиот народ, кој беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше со удирање в гради.

49 А сите Негови познати, и жените кои Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа. Крај на 8-то евангелие за св. страданија Христови и на 6-от час

50 И ете, некојси, по име Јосиф, член на Советот, човек добар и праведен,

51 тој не беше учествувал во Советот и во делата нивни, од Ариматеја, град јудејски, којшто и самиот го очекуваше царството Божјо,

52 отиде при Пилата и го измоли телото Исусово;

53 па Го симна и го обви во платно, Го положи во издлабен гроб, во кој уште никој не беше положен.

54 Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше.

55 По него одеа и жените, кои беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово;

56 па, откако се вратија, подготвија мириси и миро, а во саботата одморија, според заповедта. Крај на четвртокот од Сирната седмица

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy