Online Bible

- Reklamy -

Лука 20 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 20 (Зачало 99)

1 Во еден од оние денови, кога Он го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините

2 и Му рекоа, велејќи: – Кажи ни, со каква власт го правиш тоа, или кој Ти ја дал таа власт?

3 А Он им одговори и рече: – Ќе ве прашам и Јас еден збор, и кажете Ми:

4 – крштението Јованово од небото ли беше, или од луѓето?

5 А тие, помислуваа во себе, велејќи: ако кажеме од небото, ќе рече – а зошто не му поверувавте?

6 Ако ли, пак, речеме – од луѓето, тогаш сиот народ ќе нѐ затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.

7 И одговорија: – Не знаеме од каде е.

8 А Исус им рече: – Ни Јас нема да ви кажам, со каква власт го вршам тоа. Крај на средата


(Зачало 100)

9 И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: – Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си отиде на подолго време.

10 А подоцна, испрати кај лозарите еден слуга, за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.

11 И одново испрати друг слуга: но, тие и него го натепаа и го понижија, па го испратија празен.

12 Испрати и трет, но тие и него го ранија и го избркаа.

13 Тогаш господарот на лозјето рече: – Што да направам? Ќе го испратам својот возљубен син; можеби, кога ќе го видат, ќе се засрамат.

14 Ама лозарите, штом го видоа, си помислуваа во себе, велејќи: – овој е наследникот, ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.

15 И кога го изведоа надвор од лозјето, – го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?

16 Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други. А оние што слушаа рекоа: – Да не даде Бог!

17 Но Он, кога ги погледна, им рече: – Што значи тогаш напишаното: „каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен аголен“?

18 Секој што ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, – ќе го смачка. Крај на четвртокот


(Зачало 101)

19 И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; разбраа дека за нив ја кажа оваа парабола.

20 И, следејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се претставуваа за праведни, за да Го фатат во некој збор и да Го предадат на поглаварите и на власта управникова.

21 И Го прашаа, велејќи: – Учителе, знаеме дека право говориш и учиш, и не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји;

22 дозволено ли е да даваме данок на царот, или не?

23 А Он го разбра нивното лукавство и им рече: – Што Ме искушувате?

24 Покажете Ми еден пенез: чиј лик и натпис има? Тие одговорија: – На царот.

25 Па им рече: – Дајте го царевото на царот, а Божјото на Бога.

26 И не можеа да ги покудат зборовите Негови пред народот, но се почудија на Неговиот одговор и замолкнаа. Крај на петокот


(Зачало 102)

27 Тогаш пристапија не кои од садукеите, коишто тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:

28 – Учителе, Мојсеј ни напиша: ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена, и да го подигне потомството на брата си.

29 Имаше седум браќа; и, првиот, откако се ожени, умре без деца;

30 жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца;

31 ја зеде и третиот, така исто и сите седуммина и умреа без деца;

32 по сите нив, умре и жената;

33 при воскресението, пак, на кого од нив таа ќе биде жена, бидејќи со седумтемина живеела?

34 Им одговори Исус и рече: – Синовите од овој век се женат и мажат;

35 но, оние што се удостоија да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат,

36 и веќе не можат да умрат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, – тие се и синови Божји.

37 А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го кажа и Мојсеј при капината, кога Го нарече Господа – Бог Авраамов, Бог Исааков и Бог Јаковов.

38 А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.

39 На тоа, некои од книжниците рекоа: – Учителе, добро рече.

40 И не смееја повеќе за ништо да Го прашаат. А Он им рече:

41 – Како велат дека Христос е син Давидов?

42 Та и самиот Давид вели во Книгата на псалмите: „Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна,

43 додека не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои“.

44 Па така, значи, Давид, Го нарече Господ; како тогаш да му е Он син? Крај на понеделникот


(Зачало 103)

45 И кога сиот народ слушаше, Он им рече на учениците Свои:

46 – Чувајте се од книжниците, кои милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите;

47 кои ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy