Online Bible

- Reklamy -

Лука 19 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 19 (Зачало 94)

1 Потоа влезе Исус во Ерихон и минуваше низ него.

2 И ете, некој човек по име Закхеј, којшто беше началник на цариниците, и беше богат,

3 сакаше да Го види Исуса, кој е Он, ама не можеше од народот, оти беше мал по раст.

4 Затоа, за да Го види, истрча напред и се качи на една дива смоква, оти покрај неа требаше да помине.

5 Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна угоре, го виде и му рече: – Закхеј, слези побргу, зашто денеска треба да бидам во твојот дом.

6 И, тој бргу слезе и Го прими со радост.

7 И сите, кога го видоа тоа, негодуваа, велејќи дека отиде во куќата на грешен човек.

8 А Закхеј застана и Му рече на Господа: – Господи, еве, половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам.

9 А Исус му рече: – Денеска дојде спасение на овој дом, зашто и тој е син Авраамов,

10 оти, Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното. Крај на неделата

11 А на тие што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека веднаш ќе се појави царството Божјо,

12 и рече: Еден човек од племенит род заминуваше во далечна земја за да прими царство за себе, и да се врати;


(Зачало 95)

13 и кога ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: – Тргувајте со нив, додека се вратам.

14 Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: не сакаме тој да царува над нас.

15 А кога се врати, по приемот на царството, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои беше им дал пари, за да види, кој колку спечалил.

16 Дојде првиот и му рече: – Господаре, твојата мина придонесе десет мини.

17 И му рече: – Добро, верен слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.

18 Дојде вториот и рече: – Господаре, твојата мина придонесе пет мини,

19 а тој и нему му рече: – И ти биди – над пет градови.

20 И друг дојде, велејќи: – Господаре, еве ти ја твојата мина што ја чував в крпа,

21 оти се плашев од тебе, бидејќи си жесток човек: земаш од каде што не си оставил, и жнееш, каде што не си сеел.

22 А Господарот му рече: – Со твојата уста ќе те судам, лукав слуго; ти знаеш дека сум жесток човек: земам, од каде што не сум оставил, и жнеам, каде што не сум сејал;

23 тогаш, зошто не ги даде моите пари на трговците, та кога ќе се вратам да ги добијам со до бивка?

24 Па им рече на присутните: – Земете ја од него мината и дајте ја на оној што има десет мини!

25 И му рекоа: – Господаре, тој има десет мини!

26 Ви велам, дека секому што има, ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе се одземе и она што го има.

27 А оние мои непријатели, што не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука, и погубете ги пред мене.

28 Кога го рече тоа, Он тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим. Крај на петокот


(Зачало 96)

29 И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Маслинова, испрати двајца ученици,

30 велејќи: – Отидете во спротивноно село; штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано магаренце, коешто ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го.

31 И ако ве праша некој: зошто го одврзувате? Кажете му вака: – тоа Му е потребно на Господа.

32 Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол.

33 И кога го одврзуваа магаренцето, стопаните им рекоа: – Зошто го одврзувате магаренцето?

34 Тие одговорија: – Потребно Му е на Господа.

35 И го доведоа при Исуса; па штом ги нафрлаа алиштата свои на магаренцето, Го качија Исуса.

36 И кога минуваше Он, ги постилаа своите алишта по патот.


(Зачало 97)

37 Акога наближуваше да ја премине Маслиновата Гора, сето мноштво ученици почнаа радосно да Го прославуваат Бога со висок глас, за сите чуда што ги видоа,

38 велејќи: – Благословен е Царот Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава на висините!

39 И некои фарисеи од народот Му рекоа: – Учителе, забрани им на учениците Твои!

40 Но, Он им одговори и рече: – Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат. Изостави во понеделникот од Сирната седмица и премини на зачало 108

41 А кога се приближи и го виде градот, заплака за него

42 и рече: – И ти да го беше узнал барем во овој твој ден, она што служи за твојот мир? Но тоа е сега сокриено од твоите очи,

43 зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опколат со окопи и ќе те опкружат, и ќе те притеснат од сите страни;

44 и ќе те разурнат тебе и чедата твои во тебе, и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го познал времето, кога беше посетен. Крај на понеделникот од 28-та седмица


(Зачало 98)

45 И кога влезе во храмот, почна да ги истерува оние што продаваа и купуваа во него,

46 велејќи им: – Напишано е: „домот Мој е дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера“.

47 И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците и книжниците, и старешините народни, сакаа да Го погубат,

48 но не можеа ништо да Му направат, зашто сиот народ беше приврзан кон Него и Го слушаше. Крај на вторникот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy