Online Bible

- Reklamy -

Лука 17 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 17

1 И им рече Исус на учениците Свои: – Не е можно да не дојдат соблазни, но тешко на оној, преку кого доаѓаат;

2 за него би било подобро да му обесат воденичен камен на вратот и да го фрлат в море, отколку да соблазни еден од овие малите.


(Зачало 84)

3 Внимавајте на себе! Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае, прости му.

4 И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: се кајам, – прости му! Крај на петокот

5 И Му рекоа апостолите на Господа: – Засили ја верата во нас.

6 А Господ им рече: – Да имавте вера колку синапово зрно, ќе ѝ речевте на онаа смоква: откорни се и пресади се в море, и таа би ве послушала.

7 Кој од вас, кога ќе се врати неговиот слуга од поле, орач или овчар, веднаш ќе му рече: дојди бргу и седни на трпеза?

8 Нема ли да му рече: – приготви ми да вечерам, препаши се и служи ми додека јадам и пијам, а потоа, ти ќе јадеш и пиеш?

9 Зар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не.

10 Па така и вие, кога ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: – ние сме слуги непогодни, оти го извршивме она што бевме должни да го извршиме. Крај на саботата

11 И кога одеше за Ерусалим, Он поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.


(Зачало 85)

12 И кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку,

13 па со силен глас повикаа: – Исусе Наставниче, смилувај се!

14 Штом ги виде, им рече: – Отидете и покажете се на свештениците. И тие, одејќи, се очистија.

15 А еден од нив, кога виде дека е излечен, се врати и Го прослави Бога гласно;

16 и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.

17 Исус, пак, одговори и рече: – Зар не се излечија десетмина? Каде се деветте?

18 Како не се најдоа и други да се вратат и да заблагодарат на Бога, туку само овој другородец?

19 И му рече: – Стани, оди си; твојата вера те спаси! Крај на неделата


(Зачало 86)

20 Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде царството Божјо, Он им одговори: – Царството Божјо нема да дојде забележливо,

21 ниту ќе речат: – еве, овде е, или: ене, онде е. Зашто царството Божјо е во вас внатре.

22 И им рече на учениците: – Ќе дојдат дни кога ќе сакате да видите еден од деновите на Синот Човечки и нема да видите;

23 и ќе ви речат: – еве, овде е, или: ене, онде е, – не одете и не барајте;

24 зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото, го осветлува другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.

25 Ама, најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род. Крај на понеделникот


(Зачало 87)

26 И како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:

27 јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во бродот, и дојде потопот, па ги погуби сите.

28 Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;

29 но, во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите;

30 така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки.

31 Во тој ден, кој ќе биде на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; и кој ќе биде в поле, исто така, да не се враќа.

32 Сеќавајте се на Лотовата жена.

33 Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја погуби; а кој ја погуби, ќе ја оживи.

34 Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца во една постела: – едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават;

35 две жени ќе мелат заедно: – едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават;

36 двајца ќе бидат на нива: – едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.

37 И кога одговорија, Му рекоа: – Каде Господи? А Он им рече: – Каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите. Крај на вторникот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy