Online Bible

- Reklamy -

Лука 15 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 15 (Зачало 78)

1 Се приближија кон Него сите цариници и грешници, за да Го слушаат.

2 А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: – Овој прима грешници и јаде со нив.

3 Но, Исус им ја кажа оваа парабола и рече:

4 – Кој од вас, имајќи сто овци, кога ќе загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде?

5 А кога ќе ја најде, ќе ја крене на рамо, радосен;

6 и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи и ќе им рече: – радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!

7 Ви велам, дека и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник кој се кае, отколку за деведесет и девет праведника што немаат потреба од каење.

8 Или која жена, имајќи десет драхми, кога ќе загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, за да побара внимателно, додека не ја најде?

9 А штом ќе ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: – радувајте се со мене, оти ја најдов изгубената драхма!

10 Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, којшто се кае. Крај на средата


(Зачало 79)

11 И рече: – Еден човек имаше два сина.

12 Помладиот од нив му рече на татка си: – Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот. И таткото им го раздели имотот.

13 По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.

14 И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во неволја;

15 па отиде при еден човек од таа земја и се погоди, и тој го испрати во своето поле да пасе свињи.

16 И страден беше да го наполни својот стомак со корења што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.

17 А кога дојде на себеси, рече: колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.

18 Ќе станам и ќе отидам при татка ми и ќе му речам: татко, згрешив против небото и пред тебе,

19 и веќе не сум достоен да се наречам твој син; но, прими ме како еден од своите наемници.

20 Па, стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.

21 И синот му рече: – Татко, згрешив против небото и пред тебе, и веќе не сум достоен да се наречам твој син.

22 А таткото им рече на слугите свои: – Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;

23 па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,

24 оти овој мој син беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде. И почнаа да се веселат.

25 А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.

26 Па, откако повика еден од слугите, го праша: – Што е ова?

27 А тој му рече: – Брат ти си дојде и татко ти го закла угоеното теле, оти го виде здрав.

28 Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.

29 А тој му одговори на татка си и му рече: – Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив твоја заповед; и мене не си ми дал ниту едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели;

30 а кога дојде овој твој син, којшто го упропасти твојот имот со блудници, за него ти го закла угоеното теле.

31 А тој му рече: – Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое;

32 но, требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде. Крај на неделата

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy