Online Bible

- Reklamy -

Лука 14 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 14 (Зачало 74)

1 И се случи во сабота да влезе кај еден од фарисејските старешини и да јаде леб; а тие пазеа на Него.

2 Одеднаш застана пред Него еден човек, болен од водена болест.

3 И кога одговори Исус, им рече на закониците и фарисеите, велејќи: – Дозволено ли е да се лекува во сабота?

4 А тие замолкнаа. И кога го допре, го излечи и го испрати.

5 Потоа им рече: – Кој од вас, ако му падне во бунар вол или магаре, нема да го извади веднаш и во саботен ден?

6 И не можеа да Му одговорат на тоа.

7 А кога забележа како поканетите избираат први места, им кажа парабола и рече:

8 – Ако те покани некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не се случи некој од гостите да биде со поголема чест од тебе,

9 и, да не дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: – отстапи го местото на овој; и тогаш, засрамен, ќе седнеш на последното место.

10 Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом ќе дојде, да ти каже: – пријателе, премести се погоре; тогаш ќе имаш чест од гостите што седат со тебе;

11 зашто, секој што се воздига, ќе биде унижен; а тој што се понизува, ќе биде воздигнат. Крај на саботата


(Зачало 75)

12 Аи на оној што го беше поканил, му рече: – Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти вратат.

13 Но, кога приредуваш гозба, повикај ги сиромасите, слабите, куците, слепите,

14 и ќе бидеш блажен, оти тие не можат да ти вратат, а ќе ти биде отплатено при воскресението на праведните.

15 А кога го чу тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: – Блажен е оној, кој ќе јаде леб во царството Божјо! Крај на понеделникот


(Зачало 76)

16 Аон му одговори: – Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;

17 и кога беше време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: – дојдете, оти сѐ е веќе готово!

18 И почнаа сите, како договорени, да се откажуваат; првиот му рече: – купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам извини ме.

19 Другиот рече: – си купив пет чивта волови и одам да ги пробам; те молам извини ме.

20 Третиот рече: – се оженив и затоа не можам да дојдам.

21 Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се разгневи домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: – Отиди бргу по раскрсниците и улиците градски и доведи ги тука бедните, слабите, куците и слепите.

22 И рече слугата: – Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.

23 И му рече господарот на слугата: – Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом.

24 Зашто ви велам: – Никој од поканетите нема да вкуси од вечерата Моја. Оти мнозина се поканети, но малцина се избрани. Крај на неделата


(Зачало 77)

25 Со Него одеше многу народ; а Он се заврте и рече:

26 – Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик.

27 И, кој не го носи својот крст, а оди по Мене, не може да биде Мој ученик.

28 Зашто, кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ што е потребно за нејзиното довршување,

29 та кога ќе ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што гледаат, да му се смеат,

30 и да речат: – овој човек почна да ѕида и не може да доврши.

31 Или кој цар, одејќи во војна против друг цар, не ќе седне најнапред, да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној што иде против него со дваесет илјади?

32 Инаку, додека е оној уште далеку, ќе испрати слуги и ќе моли за мир.

33 Така и секој од вас, кој не ќе се откаже од сѐ што има, не ќе може да биде Мој ученик.

34 Солта е добро нешто, но ако таа ја изгуби соленоста, со што ќе се осоли?

35 Ниту на земјата, ниту на ѓубрето им е потребна; па затоа ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на вторникот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy