Online Bible

- Reklamy -

Лука 13 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 13 (Зачало 70)

1 Во тоа време, дојдоа некои и Му кажаа за Галилејците, чијашто крв Пилат ја смешал со нивните жртви.

2 Исус им одговори и рече: – Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така што пострадаа?

3 Не, ви велам: ако не се покаете, сите така ќе загинете.

4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим?

5 Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе загинете.

6 И ја кажа оваа парабола: – Некој човек имаше во своето лозје посадена една смоква, па дојде да бара на неа плод, и не најде.

7 Тогаш му рече на лозарот: – ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; – зошто само да ѝ пречи на земјата?

8 А тој му одговори и рече: – Господаре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре,

9 па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш. Крај на четвртокот


(Зачало 71)

10 Во една од синагогите поучуваше Он во сабота.

11 И ете, една жена имаше слаб дух осумнаесет години; беше згрчена и не можеше да се исправи.

12 Штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: – Жено, се ослободуваш од болеста своја!

13 И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.

14 А старешината на синагогата, негодувајќи што Исус ја излечи во сабота, одговори и му рече на народот: – Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден.

15 Но Господ му одговори и рече: – Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?

16 А оваа ќерка Аврамова што ја врзал сатаната, еве, веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?

17 И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него. Крај на неделата


(Зачало 72)

18 А Он рече: – На што личи царството Божјо и со што да го споредам?

19 Тоа е како синапово зрно, кое, откако го зеде човек и го посади во градината своја, тоа израсна и стана големо дрво, па и птиците небески си правеа гнезда на неговите гранки.

20 И пак рече: – Со што да го споредам царството Божјо?

21 Тоа прилега на квас што го зеде жена и го постави во три мери брашно, додека скисне сето.

22 И проаѓаше преку градови и села и поучуваше, патувајќи кон Ерусалим.

23 Некој, пак, Му рече: – Господи, малку ли се оние што ќе се спасат? А Он рече:

24 – Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат.

25 Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: Господи, Господи, отвори ни! Он ќе ви одговори и ќе рече: не ве знам од каде сте.

26 Тогаш ќе почнете да зборувате: ние јадевме пред Тебе и пивме; и по нашите улици Ти поучуваше.

27 И Он ќе им рече: ви велам, не ве познавам од каде сте; бегајте од Мене сите што вршите неправда.

28 Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исаака и Јакова, и сите пророци во царството Божјо, а себеси – истерани надвор.

29 И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо. Крај на саботата

30 И ете, има последни, кои ќе бидат први; а има први, кои ќе бидат последни.


(Зачало 73)

31 Во тој ден пристапија некои од фарисеите и Му рекоа: – Излези и отиди одовде, оти Ирод сака да те убие!

32 И им рече: – Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам бесови, и лекувам денес и утре, и на третиот ден – ќе завршам;

33 но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи проро кот не може да загине надвор од Ерусалим.

34 Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш пратените кон тебе, колку пати сакав да ги соберам чедата твои, како квачка пилињата свои под крилја, ама не сакавте.

35 И ете, домот ваш ќе остане пуст. И Јас ви велам, дека нема да Ме видите сѐ додека не дојде време да кажете: благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово! Крај на петокот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy