Лука 10 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 10 (Зачало 50) 1 Потоа, Господ избра и други – седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Самиот сакаше да оди, 2 и им рече: – Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на жетвата Своја. 3 Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци. 4 Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и никого патем не поздравувајте! 5 И во која куќа ќе влезете, кажете: – Мир на овој дом! 6 Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас; 7 и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преоѓајте од куќа в куќа! 8 И во кој град ќе влезете, и ќе ве примат, јадете што ќе ви изнесат пред вас; 9 лекувајте ги болните што се во него и говорете им: се приближи до вас царството Божјо! 10 А во кој град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови и кажете: 11 – И правот од вашиот град што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го ова, дека се приближи до вас царството Божјо. 12 Ви велам, дека во оној ден, на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град. 13 Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќа и пепел, би се покајале; 14 ама на Тир и Сидон ќе им биде полесно на Судот, отколку вам. 15 И ти, Капернауме, којшто си се воздигнал до небо, до пеколот ќе паднеш. Крај на петокот (Зачало 51) 16 Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме испратил. 17 Седумдесетте, пак, се вратија со радост и велеа: – Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат. 18 А Он им рече: – Го видов сатаната кога падна од небото како молња. 19 Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква демонска сила; и ништо нема да ви наштети; 20 но, не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што имињата ваши се напишани на небесата. 21 Во тој час се возрадува Исус во духот и рече: – Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, Оче, зашто таква била волјата Твоја. Крај на св. апостоли, на ангелите, и на саботата. Читај на св. Убрус (Зачало 52) 22 Па, откако се сврте кон учениците, рече: – Сѐ Ми е предадено од Мојот Отец; и кој е Синот, не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – кому што сака Синот да Му открие. 23 И кога се обрна кон учениците, тивко им рече: – Блажени се очите, кои го гледаат тоа што го гледате вие! 24 Зашто, ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат што слушате вие, и не чуја. Крај на понеделникот и на св. Убрус (Зачало 53) 25 И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: – Учителе, што да направам за да добијам живот вечен? 26 А Он му рече; – Што е напишано во Законот? Како читаш? 27 Тој одговори и рече: – „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси“! 28 И му рече: – Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив. 29 Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: – А кој е мојот ближен? 30 Исус му одговори и рече: – Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му нанесоа рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов. 31 Случајно, по тој пат слегуваше еден свештеник и, кога го виде, си замина. 32 Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде. 33 Еден Самарјанин, пак, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. 34 И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. 35 А утредента, на кинисување, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: – Припази го; и, ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам! 36 Кој, пак, од тие тројца, ти се чини, дека му бил ближен на оној што падна во рацете на разбојниците? 37 А тој одговори: – Оној што му направи милост. Исус му рече: – Оди и ти прави така! Крај на неделата. (Зачало 54) 38 И кога одеа, влезе Он во едно село; некоја жена, по име Марта, Го прими во својот дом. 39 А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово. 40 Марта, пак, беше се зафатила со многу работи и, кога застана, рече: – Господи, зар не сакаш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне! 41 Но Исус ѝ одговори и рече: – Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи, 42 ама само едно е потребно! Марија го избра добриот дел, што нема да ѝ се одземе. Изостави на св. Богородица и премини на зачало 58 |