Јован 9 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 9 (Зачало 34) 1 Кога одеше, виде еден човек, слеп од раѓање. 2 Учениците Негови Го прашаа и рекоа: – Рави, кој згрешил, тој или родителите негови, та се роди слеп? 3 Исус им одговори: – Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него. 4 Јас треба да ги извршам делата на Оној што Ме испрати, додека е уште ден; оти настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи. 5 Додека сум во светот, Јас сум Светлината на светот. 6 Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот, 7 и му рече: – Отиди и измиј се во бањата Силоам – што значи: испратен. Тој отиде, се изми и прогледувајќи, дојде. 8 А соседите и оние, кои порано беа го гледале дека бил слеп, велеа: зар не е овој што седеше и просеше? 9 Едни велеа: тој е, а други: личи на него; тој, пак, велеше: јас сум. 10 Тогаш го прашаа: – Како ти се отворија очите? 11 Тој одговори и рече: – Еден Човек, Којшто се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: отиди во бањата Силоам и измиј се! Отидов, се измив и прогледав. 12 Тогаш Му рекоа: – Каде е Он? Тој рече: – Не знам. 13 Потоа го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп. 14 А беше сабота, кога направи Исус кал и му ги отвори очите. 15 Истото го прашаа и фарисеите: – Како прогледа? Тој им рече: – Ми кладе кал на очите и се измив, и гледам. 16 Тогаш некои од фарисеите велеа: не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата. Други рекоа: како може грешен човек да прави такви чуда? И настана расправија помеѓу нив. 17 Пак му рекоа на слепиот: – Ти што велиш за Оној што ти ги отвори очите? А тој рече: – Пророк е. 18 Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној што прогледал, 19 и ги прашаа, велејќи: – Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како, пак, сега гледа? 20 Родителите негови одговорија и им рекоа: – Знаеме дека е овој наш син, и дека се роди слеп; 21 ама како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, самиот нека ви каже за себе. 22 Ова го рекоа родителите, оти се боеја од Евреите; зашто Евреите се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој, кој ќе Го признае за Христа. 23 Затоа и родителите негови рекоа: тој е возрасен, него прашајте го. 24 Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: – Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен. 25 А тој одговори и рече: – Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам. 26 Пак му рекоа: – Што ти направи? Како ти ги отвори очите? 27 Тој им одговори: – Јас веќе ви реков и не чувте; што сакате пак да чуете? Да не сакате, можеби, и вие да Му станете ученици? 28 А тие го укорија и му рекоа: – Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. 29 Ние знаеме дека со Мојсеја говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е. 30 Одговори човекот и им рече: – Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а мене ми ги отвори очите. 31 Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. 32 Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. 33 И, ако Он не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо. 34 Одговорија и му рекоа: – Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш? И го истераа надвор. 35 Исус чу дека го истерале, па откако го најде, му рече: – Веруваш ли ти во Божјиот Син? 36 Тој одговори и рече: – А кој е, Господи, па да поверувам во Него? 37 Исус му рече: – И си Го видел, и Којшто зборува со тебе, – Он е. 38 А тој рече: – Верувам, Господи! И Му се поклони. Крај на неделата (Зачало 35) 39 И рече Исус: – На суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи. 40 Го чуја тоа некои од фарисеите, кои беа со Него, и Му рекоа: – Зар сме и ние слепи? 41 Исус им рече: – Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите оти гледате, затоа и гревот ви останува. |