Online Bible

- Reklamy -

Јован 7 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 7 (Зачало 25)

1 Потоа одеше Исус по Галилеја, зашто не сакаше да оди во Јудеја, оти Јудејците сакаа да Го убијат.

2 Наближуваше, пак, јудејскиот празник – Правење сеници.

3 Тогаш браќата Негови Му рекоа: – Излези одовде и отиди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.

4 Оти никој не прави нешто тајно, кога и самиот сака да се прочуе. Ако Ти ги вршиш овие работи, тогаш покажи се пред светот.

5 Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.

6 А на тоа Исус им одговори: – Моето време уште не дошло, а за вас времето секогаш е погодно.

7 Светов вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него, дека делата негови се лоши.

8 Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на празникот, оти времето Мое уште не се исполнило.

9 Кога им го кажа ова, Он остана во Галилеја.

10 Но кога браќата Негови отидоа, отиде и Он на празникот, ама не јавно, туку тајно.

11 А Евреите Го бараа на празникот и велеа: – Каде е Оној?

12 И многу расправии имаше во народот за Него: едни зборуваа дека е добар; а други велеа: не, туку го заблудува народот.

13 Ама никој не зборуваше за Него отворено, поради стравот од Јудејците. Крај на вторникот


(Зачало 26)

14 Веднаш, пак, на Преполовението на празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.

15 И се чудеа Јудејците, велејќи: – Како ги познава Овој книгите, кога не учел?

16 Тогаш им одговори Исус и рече: – Учењето Мое не е Мое, туку на Оној Којшто Ме испрати;

17 и ако некој сака да ја исполнува волјата Негова, ќе разбере дали ова учење е од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам.

18 Којшто говори сам од себе, тој ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној што Го испратил, Он е вистина и во Него нема неправда.

19 Зар Мојсеј не ви даде Закон? Ама никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?

20 Народот одговори и рече: – Бесот ли Те фатил? Кој сака да Те убие?

21 Одговори Исус и им рече: – Едно дело извршив и сите се чудите.

22 Мојсеј ви даде обрезание – макар што тоа не е од Мојсеја, а од татковците – и вие во сабота обрезувате човек.

23 Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек направив здрав во сабота?

24 Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!

25 Тогаш некои од Ерусалим рекоа: – Не е ли Овој, Кого што Го бараат за да Го убијат?

26 Ете, јавно говори и ништо не Му велат; да не се увериле и началниците, дека е Он навистина Христос?

27 Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.

28 Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: – И Мене Ме познавате, и знаете од каде сум; ама Сам од Себе не дојдов, но има еден Вистински, Кој Ме испрати и Кого вие не Го познавате.

29 Јас, пак, Го знам, оти сум од Него и Он Ме испрати.

30 Тогаш сакаа да Го фатат; ама никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов. Крај на средата

31 И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда отколку што направи Овој?

32 Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па фарисеите и првосвештениците испратија слуги да Го фатат.

33 Тогаш Исус им рече: – Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам при Оној, Кој што Ме испрати.

34 Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што сум Јас, вие не можете да дојдете.

35 А Јудејците си рекоа помеѓу себе: каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расејаните меѓу Елините, та и Елините да ги поучува?

36 Што значат овие зборови: ќе Ме барате и не ќе Ме најдете; и каде што сум Јас, вие не можете да дојдете?!


(Зачало 27)

37 Аво последниот голем ден од празникот, застана Исус и извика со висок глас, велејќи: – Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие!

38 Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.

39 А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние што веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.

40 А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: – Навистина, Овој е пророк!

41 Други велеа: – Овој е Христос! А некои рекоа: – Зар од Галилеја ќе дојде Христос?

42 Не е ли речено во Писмото, дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?

43 И така настана во народот расправија за Него.

44 А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.

45 Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: – Зошто не Го доведовте?

46 А слугите одговорија: – Никогаш човек не говорел така, како Овој Човек.

47 Тогаш им одговорија фарисеите: – Да не се прелагавте и вие?

48 Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него?

49 Но, овој народ, којшто не го знае Законот, е проклет.

50 Никодим, пак, кој беше отишол при Него ноќе, а беше еден од нив, им рече:

51 – Осудува ли нашиот Закон човек, додека најнапред не го сослушаат и не узнаат што прави?

52 А тие му одговорија и рекоа: – Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк од Галилеја не се јавил. Изостави на Духовден и премини на зачало 29

53 И секој си отиде во својот дом.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy