Јован 6 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 6 1 Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско. 2 И по Него идеше многу народ, оти ги гледаа чудата Негови, што ги правеше над болните. Крај на петокот 3 А Исус отиде во гората и таму седеше со учениците Свои. 4 И наближуваше Пасха, празникот еврејски. (Зачало 18) 5 Исус, пак, кога ги подигна очите и виде дека кон Него иде многу народ, му рече на Филипа: – Од каде да купиме леб, за да јадат овие? 6 А тоа го рече за да го искуша, зашто Самиот знаеше што ќе направи. 7 Филип Му одговори: – Не ќе им биде доволно за двесте пенези леб, па да добие секој од нив по малку. 8 Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симона Петра, Му рече: 9 – Овде се наоѓа едно момче, кое има пет јачменови лебови и две риби; ама што е тоа за толку души? 10 Исус рече: – Кажете им на луѓето да седнат; а на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади. 11 Исус, кога ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, по колку кој сакаше. 12 А кога се наситија, им рече на учениците Свои: – Соберете ги останатите парчиња, за да не се изгуби ништо. 13 И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошеви парчиња, кои им преостанаа на оние што јадеа. (Зачало 19) 14 Алуѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: – Овој е навистина Пророкот што требаше да дојде во светот. 15 Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи сам во гората. 16 А приквечер учениците Негови слегоа до морето, 17 и влегоа во кораб; и тргнаа преку морето кон Капернаум. 18 Морето, пак, се подигаше, оти дуваше силен ветар. 19 И кога беа изминале дваесет и пет, до триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија. 20 Но Он им рече: – Јас сум, не бојте се! 21 Тогаш тие сакаа да Го примат во коработ; и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа. 22 Утредента, народот што стоеше на другата страна од морето, виде оти таму немаше друг кораб освен еден, во кој влегоа учениците Негови, и дека Исус не влезе во коработ со учениците Свои, а тие сами заминаа. 23 И други кораби дојдоа од Тиверијада, близу до она место каде што беа јале леб, по благословувањето Господово. 24 И кога видоа луѓето дека Исус не беше таму, ниту уче ниците Негови, влегоа сами во кораби и дојдоа во Капернаум, да Го бараат Исуса. 25 И штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: – Рави, кога дојде овде? 26 А Исус им одговори и рече: – Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте. (Зачало 20) 27 Работете, неза пропадлива храна, туку за храна што останува за живот вечен и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот. Крај на саботата 28 А тие Му рекоа: – Што да правиме, за да извршуваме дела Божји? 29 Исус им одговори и рече: – Делото Божјо е ова: да поверувате во Оној, Кого Го испрати Он. 30 А тие Му рекоа: – Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш? 31 Татковците наши јадеа мâна во пустината, како што е напишано: „Леб од небото им даде да јадат“. 32 Но Исус им рече: – Вистина, вистина ви велам: не Мојсеј ви даде леб од небото, туку Мојот Отец ви дава вистински леб од небото. 33 Зашто лебот Божји е Оној, Којшто слегува од небото и му дава живот на светот. Крај на вторникот 34 Тогаш тие Му рекоа: – Господи, давај ни го секогаш тој леб! 35 А Исус им рече: Јас сум лебот на животот; кој доаѓа при Мене, нема да огладни; и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни. (Зачало 21) 36 Но ви реков, зашто вие и Ме видовте и пак не верувате. 37 Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде при Мене; а кој доаѓа при Мене, нема да го истерам надвор; 38 оти слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Којшто Ме испрати. 39 А волјата на Отецот, Којшто Ме испрати, е оваа: од сѐ што Ми дал, да не погубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден. Крај на средата и на мртвите (Зачало 22) 40 Волјата на Оној што Ме испрати е: секој што ќе Го види Синот и поверува во Него да има живот вечен, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. 41 Се резгневија против Него Евреите, дека рече: Јас сум лебот што слезе од небото; 42 и зборуваа: – Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познаваме? Како тогаш Он вели: слегов од небото? 43 Им одговори Исус и рече: – Не гневете се помеѓу себе! 44 Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме испрати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Крај на четвртокот 45 Кај Пророците е напишано: „И ќе бидат сите од Бога научени“. Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа при Мене. 46 Но, тоа не значи дека некој Го видел Бога, освен Оној, Кој е од Бога; само Он Го видел Отецот. 47 Вистина, вистина ви велам: кој што верува во Мене, има живот вечен. (Зачало 23) 48 Јас сум лебот на животот. 49 Татковците ваши јадеа мâна во пустината и умреа; 50 а овој е лебот што слегува од небото, така што, кој јаде од него, нема да умре. 51 Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, кое ќе го предадам за живот на светот. 52 Евреите, пак, почнаа да се препираат помеѓу себе, велејќи: – Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме? 53 А Исус им рече: – Вистина, вистина ви велам: – Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. 54 Кој јаде од Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Крај на петокот 55 Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. (Зачало 24) 56 Како што Ме испрати живиот Отец, и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене. 57 Ова е лебот што слезе од небото, а не како татковците ваши што јадеа мана и изумреа; кој јаде од овој леб, ќе живее довека. 58 Ова го кажа Исус во синагогата, кога поучуваше во Капернаум. 59 Тогаш мнозина од учениците Негови, кои слушаа, рекоа: – Тешки се овие зборови; кој може да ги слуша? 60 А Исус, знаејќи во Себе дека учениците Негови се бунат против тоа, им рече: – Зар ова ве соблазнува? 61 Ами, ако Го видите Синот Човечки да се вознесува горе, каде што бил порано? 62 Духот е тој што оживува; телото ништо не помага. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот. 63 Но има меѓу вас и некои што не веруваат. Исус знаеше, од почетокот, кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе Го предаде. 64 И рече: – Затоа ви зборувам, дека никој не може да дојде при Мене, ако не му биде дадено од Мојот Отец. 65 Од тоа време мнозина од учениците Негови се вратија и не одеа веќе со Него. 66 Тогаш им рече Исус на дванаесетте: – Да не сакате и вие да си отидете? 67 А Симон Петар Му одговори: – Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен, 68 и ние поверувавме и познавме дека Ти си Христос, Синот на живиот Бог. Крај на понеделникот 69 Исус им одговори: – Не дванаесетмина ли ве избрав Јас? Но еден од вас е ѓавол. 70 А зборуваше за Јуда Симонов Искариот, оти тој, како еден од дванаесетте, сакаше да Го предаде. |