Јован 5 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 5 (Зачало 14) 1 Потоа имаше празник, и се искачи Исус во Ерусалим. 2 А во Ерусалим, при Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, која има пет тремови; 3 во нив лежеа мнозина болни, слепи, куци, исушени, кои очекуваа да се раздвижи водата, 4 зашто одвременавреме слегуваше во бањата ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква болест и да боледуваше. Крај на осветување на вода 5 Беше таму и еден човек, кој боледувал триесет и осум години. 6 Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му рече: – Сакаш ли да оздравиш? 7 Болниот Му одговори: – Да, Господи! Ама немам човек да ме спушти во бањата кога ќе се раздвижи водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене. 8 Исус му рече: – Стани, земи си ја постелката своја и оди си дома! 9 И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота. 10 Евреите, пак, му рекоа на исцелениот: – Сабота е, и не треба да ја земаш својата постелка. 11 Но тој им одговори: – Оној што ме излечи ми рече: земи ја постелката своја и оди! 12 А тие го прашаа: – Кој е Човекот што ти рече: земи ја постелката своја и оди? 13 Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус беше се оддалечил, оти на тоа место имаше многу народ. 14 А потоа Исус го сретна во храмот и му рече: – Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо. 15 А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е, што го излечи. Крај на неделата 16 И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да Го убијат, оти тоа го правеше во сабота. 17 А Исус им одговараше: Мојот Отец досега работи, и Јас работам. (Зачало 15) 18 Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, оти не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога. 19 А Исус им одговори на тоа и рече: – Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, истото тоа го прави и Синот. 20 Зашто Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што прави Самиот; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие. 21 Оти, како што Отецот воскреснува мртви и оживува, така и Синот ги оживува кои што сака. 22 Отецот не суди никого, но целиот суд го предаде на Синот; 23 та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој што Го испратил. (Зачало 16) 24 Вистина, вистина ви велам: којшто го слуша словото Мое и верува во Оној Којшто Ме испрати, ќе има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот. Крај на средата 25 Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и штом го чујат, ќе оживеат. 26 Оти, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе; 27 и Му даде власт да суди, оти е Син Човечки. 28 Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, 29 и ќе излезат: кои правеле добро ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. 30 Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, оти не ја барам Мојата волја, а волјата на Отецот, Којшто Ме испрати. Крај на четвртокот и на мртвите (Зачало 17) 31 Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинско. 32 Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинско сведоштвото, со кое Он сведочи за Мене. 33 Вие праќавте при Јована и тој ви посведочи за вистината. 34 Ама Јас не го примам сведоштвото од човек; туку го кажувам ова, за да се спасите вие. 35 Тој беше светило, кое гори и свети, а вие малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина. 36 Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; оти делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, кои ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот. 37 И Отецот, Којшто Ме испрати, Самиот посведочи за Мене. А вие ни гласот Негов никогаш не сте го чуле, ниту лицето Негово сте го виделе. 38 И зборовите Негови не се во вас, зашто не верувате во Оној, Кого Го испратил Он. 39 Изучувајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене. 40 Но не сакате да дојдете при Мене, за да имате живот. 41 Од луѓе слава не примам, 42 но ве разбрав, дека во себе љубов Божја немате. 43 Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг ако дојде во свое име, него ќе го примите. 44 Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата што е од Единиот Бог, не ја барате? 45 Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинам пред Отецот; има кој да говори против вас – Мојсеј, на кого вие се надевате. 46 Оти ако бевте му верувале на Мојсеја, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене. 47 Ако, пак, на неговите Писанија не поверувате, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови? |