Јован 4 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 4 1 Кога разбра Исус дека фарисеите чуле оти Он придобива повеќе ученици отколку Јован, и крштева, 2 макар што Самиот Исус не крштеваше, туку учениците Негови, 3 ја напушти Јудеја и пак отиде во Галилеја. 4 Требаше да мине преку Самарија. (Зачало 12) 5 И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа. 6 Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. 7 Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: – Дај Ми да пијам! 8 А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. 9 Жената Самарјанка Му рече: – Како Ти, Кој си Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш? – зашто Евреите со Самарјаните не се мешаат. 10 Исус ѝ одговори и рече: – Кога би знаела што е тоа дар Божји и Кој е што ти вели: дај Ми да пијам, – ти сама би побарала од Него и Он би ти дал вода жива. 11 Жената Му рече: – Господи, Ти немаш со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива? 12 Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец, и самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и стоката негова? 13 Исус ѝ одговори и рече: – Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; 14 а кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, ќе постане во него извор со вода, која ќе тече во живот вечен. 15 Жената Му рече: – Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење! 16 Исус ѝ рече: – Оди, повикај го твојот маж и дојди овде! 17 Жената одговори и Му рече: – Немам маж. Исус ѝ рече: – Добро рече дека немаш маж; 18 зашто петмина мажи си имала и овој што го имаш сега не ти е маж; ете, точно кажа. 19 Жената Му рече: – Господи, гледам дека Ти си пророк! 20 Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме. 21 Исус ѝ рече: – Жено, верувај Ми оти иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим, ќе се поклонувате на Отецот. 22 Вие му се клањате на она, кое не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. 23 Но, иде време и веќе дошло, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат. 24 Бог е Дух, и оние што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и вистина. 25 Жената Му рече: – Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сѐ ќе ни каже. 26 А Исус ѝ рече: – Јас сум, Којшто зборувам со тебе! 27 И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; ама ниеден не Му рече: што сакаш, или што зборуваш со неа? 28 А жената ја остави својата стомна и отиде во градот, и им кажа на луѓето: 29 – Дојдете, видете Го Човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила; да не е Он Христос?! 30 Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него. 31 А меѓувреме учениците Го молеа, велејќи: – Рави, јади! 32 Но, Он им рече: – Јас имам храна за јадење, која вие не ја знаете. 33 Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: освен, ако некој Му донел да јаде? 34 А Исус им рече: – Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Којшто Ме испрати и да го извршам Неговото дело. 35 Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва. 36 И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. 37 Зашто за ова, вистинска е поговорката: еден сее, а друг жнее. 38 Јас ве испратив да жнеете каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд. 39 И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него според зборовите на жената, која сведочеше: ми кажа сѐ што сум направила. 40 А кога дојдоа Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив; и Он остана таму два дена. 41 И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; 42 а на жената ѝ велеа: – Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти самите чувме и знаеме дека Он е Спасителот на светот, – Христос. Крај на неделата 43 А по два дни Он излезе оттаму и отиде во Галилеја. 44 Зашто Самиот Исус беше посведочил дека пророкот во својата татковина нема чест. 45 Кога, пак, дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, оти беа виделе сѐ што изврши во Ерусалим на празникот; зашто и тие беа на празникот. 46 И така, Исус повторно дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино. И маше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум. (Зачало 13) 47 Штом слушна дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, тој отиде при Него и Го молеше да слезе и да му го излечи синот, зашто беше на умирање. 48 А Исус му рече: – Ако не видите знаци и чуда, нема да поверувате. 49 Царскиот човек Му рече: – Господи, дојди додека уште не умрело детето мое! 50 А Исус му рече: – Оди си! Твојот син е жив! И човекот поверува на зборот што му го кажа Исус, и си замина. 51 И веднаш, кога слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: – Синот твој е жив! 52 А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: – Вчера, во седмиот час, го остави огнот. 53 Тогаш таткото разбра дека тоа се случило во истиот час, кога Исус му рече: твојот син е жив. И поверува тој и целиот негов дом. 54 Ова, пак, второ чудо го направи Исус, кога пристигна од Јудеја во Галилеја. Крај на понеделникот |