Online Bible

- Reklamy -

Јован 21 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 21 (Зачало 66)

1 Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А вака се јави:

2 Беа заедно Симон Петар и Тома, кого го викаа Близнак, и Натанаил од Кана Галилејска, и Заведеевите синови, и двајца други од учениците Негови.

3 Симон Петар им рече: – Ќе одам да ловам риби. Му рекоа: – И ние ќе дојдеме со тебе. Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, ама таа ноќ ништо не уловија.

4 А кога се раздени, застана Исус на брегот, но учениците не Го познаа дека е Исус.

5 Исус им рече: – Деца, имате ли нешто за јадење? Му одговорија: – Не!

6 А Он им рече: – Фрлете ја мрежата на десната страна од коработ и ќе најдете. Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби.

7 Тогаш ученикот, кого што го сакаше Исус, му рече на Петра: – Господ е! А Симон Петар, штом чу дека е Господ, ја препаша облеката – оти беше необлечен, – и се фрли во морето.

8 А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со коработ, оти не беа далеку од земјата, но само околу двесте лакти.

9 Но, кога излегоа на земјата, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб.

10 Исус им рече: – Донесете од рибите што ги уловивте сега!

11 А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на земја, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.

12 Исус им рече: – Дојдете, јадете! И никој не смееше да Го праша: – Кој си Ти? – Оти гледаа дека е Господ.

13 Дојде Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба.

14 Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите. Крај на десеттото воскресно евангелие


(Зачало 67)

15 И кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симона Петра: – Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе, отколку овие? Петар Му рече: – Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам. Исус му рече: – Паси ги јагнињата Мои!

16 Пак му рече повторно: – Симоне Јонин, Ме љубиш ли? Петар Му рече: – Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам. Исус му рече: – Паси ги овците Мои!

17 И по трепат му рече: – Симоне Јонин, Ме љубиш ли? Петар се нажали дека по третпат му вели: – Ме љубиш ли? И Му рече: – Господи, Ти сѐ знаеш! Ти знаеш дека Те сакам. Исус му рече: – Паси ги овците Мои!

18 Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаше и поведе каде што нејќеш.

19 А ова го рече, за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Бога. И штом го кажа тоа, му рече: – Оди по Мене!

20 А Петар, кога се сврте, виде дека по него оди оној, кого што го милуваше Исус, и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и рекол: Господи, кој ќе Те предаде?

21 Петар, штом го виде него, Му рече на Исуса: – Господи, а овој, пак, зошто?!

22 Исус му рече: – Ако сакам тој да остане, додека дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!

23 И се пренесе овој збор меѓу браќата, дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: ако сакам тој да остане, додека дојдам, тебе што ти е? Читај на св. Јован Богослов, на литургија

24 Тој е ученикот, којшто сведочи за овие работи и ги напиша; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско.

25 А има и многу други дела што ги изврши Исус, и коишто, ако би се напишеле по ред, ми се чини, не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните кни ги. Амин! Крај на 11-то воскресно евангелие, на саботата и на св. Јован Богослов.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy