Јован 20 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 20 (Зачало 63) 1 Во првиот ден од седмицата, Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и виде дека каменот од гробот е подигнат. 2 Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого што Исус го љубеше, и им рече: – Го зеле Господа од гробот и не знам каде Го положиле. 3 Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и кинисаа кон гробот. 4 И обајцата трчаа заедно; но другиот ученик отрча побргу од Петра и прв дојде до гробот. 5 И кога се наведна, виде дека лежат само платната; ама не влезе. 6 По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само платната стојат; 7 а крпата, која беше на главата Негова, не стоеше при платната, но завиткана – одделно на едно место. 8 Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува, 9 зашто уште не го знаеја Писмото, дека Он требаше да воскресне од мртвите. 10 Тогаш учениците повторно се вратија дома. Крај на седмото воскресно евангелие (Зачало 64) 11 Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И како што плачеше, се наведна над гробот; 12 и виде два ангела во бели облеки, како седат; едниот кај главата, а другиот при нозете, каде што беше лежало телото Исусово. 13 И тие ѝ рекоа: – Жено, зошто плачеш? Им одговори: – Го зеле мојот Господ и не знам каде Го положиле. 14 Штом го рече ова, се сврте назад и Го виде Исуса како стои; ама не знаеше оти е Исус. 15 Исус ѝ рече: – Жено, зошто плачеш? Кого го бараш? Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: – Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил и јас ќе Го земам. 16 Исус ѝ рече: – Марија! Таа се сврте и Му рече: – Равуни! – што значи: Учителе. 17 Ѝ рече Исус: – Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец; туку отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и вашиот Бог. 18 Дојде Марија Магдалина и им кажа на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол. Крај на осмото воскресно евангелие (Зачало 65) 19 Аистиот ден вечерта, во првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа собрани учениците Негови, беше затворена, поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: – Мир вам! 20 И откако го рече ова, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Тогаш се зарадуваа учениците, штом Го видоа Господа. 21 А Исус повторно им рече: – Мир вам! Како што Ме испрати Отецот, така и Јас ве праќам. 22 И кога им го кажа ова, дувна и им рече: – Примете Дух Свети! 23 На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат. Крај на Педесетница, на утрената 24 А Тома, еден од дванаесетте, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. 25 Другите ученици му рекоа: – Го видовме Господа. А тој им рече: – Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам. Крај во неделата на Воскресение, вечерта 26 А по осум дни, учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: – Мир вам! 27 Потоа Му рече на Тома: – Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, туку верен! 28 Одговори Тома и Му рече: – Господ мој и Бог мој! 29 Исус му рече: – Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале. 30 И многу други чуда направи Исус пред учениците Свои, кои не се запишани во оваа книга. 31 А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име. Крај на Томина недела, и на деветтото воскресно евангелие и на апостол |