Јован 2 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 2 (Зачало 6) 1 На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска, и мајката на Исуса беше таму. 2 Поканет беше на свадбата, исто така, и Исус, и учениците Негови. 3 А кога приврши виното, мајка Му Му рече на Исуса: – Немаат вино. 4 Исус ѝ рече: – Што се однесува тоа до нас, жено? Уште не дошол Мојот час. 5 Но Неговата мајка им рече на слугите: – Сѐ што ќе ви рече, направете! 6 А таму имаше шест камени садови за вода, поставени според јудејскиот обичај за очистување, коишто собираа по две до три мери. 7 И Исус им рече: – Наполнете ги садовите со вода! И тие ги наполнија до горе. 8 Па им кажа: – Налијте сега и однесете му на старосватот! И му однесоа. 9 И кога вкуси старосватот од виното што беше постанало од вода – а тој не знаеше од каде е, ама слугите што ја беа донеле водата, знаеја, – го повика младоженецот, 10 и му рече: – Секој човек најнапред изнесува добро вино и, кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; а ти си го зачувал доброто вино за сега. 11 Така Исус направи почеток на Своите чуда во Кана Галилејска и ја покажа Својата слава; и учениците Негови поверуваа во Него. Крај на понеделникот (Зачало 7) 12 Потоа слезе во Капернаум, Он и мајка Му, и браќата Негови, и учениците Негови; и таму останаа неколку дена. 13 Наближуваше Пасха јудејска, и Исус се искачи во Ерусалим; 14 и ги затекна во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат. 15 И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврте масите; 16 па им рече на оние што продаваа гулаби: – Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец не правете дом за тргување! 17 Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде“. 18 А Јудејците одговорија и Му рекоа: – Со каков знак ќе ни докажеш дека можеш да го правиш тоа? 19 Им одговори Исус и рече: – Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам. 20 А Јудејците рекоа: – Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш? 21 Но, Он говореше за храмот на Своето тело. 22 А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот што беше го рекол Исус. Крај на петокот 23 И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудата Негови што ги правеше, поверуваа во Неговото име. 24 Но Самиот Исус не им се доверуваше, оти ги познаваше сите, 25 и немаше потреба да Му сведочи некој за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот. |