Јован 17 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 17 (Зачало 56) 1 Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: – Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој, 2 како што си Му дал власт над секое тело, та преку сѐ што си Му дал, да им даде живот вечен. 3 А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа. 4 Јас Те прославив на земјата; го извршив делото, кое си Ми го дал да го извршам. 5 И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да постане. 6 Го објавив името Твое на луѓето кои си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. 7 Сега разбраа дека сѐ што си Ми дал, е од Тебе; 8 зашто зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина, оти од Тебе сум излегол, и поверуваа, дека Ти си Ме испратил. 9 Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои. 10 И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив. 11 Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. 12 Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, кои си Ми ги дал, ги запазив, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото. 13 А сега идам при Тебе, и ова му го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна. Крај на неделата 14 Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како што и Јас не сум од светот. 15 Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. 16 Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот. 17 Освети ги со својата вистина; Твоето слово е вистина. (Зачало 57) 18 Како Ти Мене што Ме испрати во светот, и Јас ги пратив во светот; 19 и за нив Јас се посветувам, за да бидат и тие посветени во вистината. 20 Ама не се молам само за нив, туку и за оние, кои според нивните зборови ќе поверуваат во Мене, 21 за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот, дека Ти си Ме испратил. 22 И славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов, за да бидат едно, како што сме Ние. 23 Јас сум во нив и Ти си во Мене, за да бидат во сѐ едно, и да разбере светот дека Ти си Ме испратил, и нив си ги возљубил, како што Ме возљуби Мене. 24 Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот. 25 Оче Праведни, светот не Те позна, ама Јас Те познав; и овие познаа дека Ти си Ме испратил; 26 и им го јавив името Твое, и ќе кажам, та љубовта, со која Ме возљуби Ти, да биде во нив, и Јас во нив. Крај на петокот |