Online Bible

- Reklamy -

Јован 15 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 15 (Зачало 50)

1 Јас сум вистинската лоза и Мојот Отец е лозарот.

2 Секоја прачка во Мене, која не дава плод, Он ќе ја исече; и секоја, која дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод.

3 Вие сте веќе чисти преку словото што сум ви го проповедал.

4 Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене.

5 Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо.

6 Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачката, и ќе се исуши; и ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе ги изгорат.

7 Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш што и да посакате, барајте, и ќе ви биде. Крај на понеделникот и на светителот

8 Со тоа ќе се прослави Мојот Отец, ако вие принесувате многу плод и ако бидете Мои ученици.


(Зачало 51)

9 Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас; бидете во Мојата љубов.

10 Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец, и останувам во љубовта Негова.

11 Ова ви го реков, за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна.

12 Оваа е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив и Јас.

13 Од оваа љубов никој нема поголема: да ја положи душата своја за своите пријатели.

14 Вие сте Мои пријатели, ако го вршите она, што ви заповедувам Јас.

15 Не ве викам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве викам пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец.

16 Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане, та што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде. Крај на светителот


(Зачало 52)

17 Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.

18 Ако светот ве мрази, знајте, дека Мене светот уште пред вас Ме замрази.

19 Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот и ве мрази.

20 Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазеа, и вашите ќе ги запазат.

21 Ама сето ова ќе ви го направат заради Моето име, оти не Го знаат Оној, Којшто Ме испрати.

22 Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев.

23 Којшто Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец.

24 Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене, и Мојот Отец.

25 Ама нека се исполни словото, напишано во нивниот Закон, дека Ме замразија за ништо.

26 А кога ќе дојде Утешителот, Кого ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Којшто излегува од Отецот, Он ќе сведочи за Мене;

27 а и вие ќе сведочите, бидејќи од почетокот сте со Мене.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy