Јован 14 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 14 (Зачало 47) 1 Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. 2 Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да подготвам место. 3 И кога ќе отидам и ќе ви подготвам место, пак ќе дојдам. 4 А каде одам Јас знаете, и патот го знаете. 5 Тома Му рече: – Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме? 6 Исус му рече: – Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене. 7 Ако бевте Ме познавале, ќе Го познававте и Мојот Отец. И отсега Го познавате, и сте Го виделе. 8 Филип Му рече: – Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е! 9 Му рече Исус: – Толку време сум со вас, и не си Ме познал ли, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, и како ти велиш: покажи ни Го Отецот? 10 Не верувш ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги зборувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот, Кој е секогаш во Мене, Он ги врши делата. (Зачало 48) 11 Верувајте Ми, дека Јас сум во Отца и Отецот е во Мене. Крај на петокот Ако ли, пак, не, тогаш верувајте во Мене, заради делата. 12 Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги правам Јас и тој ќе ги прави, и поголеми од нив ќе направи; оти Јас си одам при Својот Отец; 13 и што и да посакате од Отецот во Мое име, тоа ќе го направам, за да се прослави Отецот во Синот. 14 Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам. 15 Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди. 16 Јас ќе Го помолам Отецот, и ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека, 17 Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, оти не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде. 18 Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас. 19 Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам, и вие ќе живеете. 20 Во оној ден вие ќе разберете, дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас. 21 Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од Мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и Самиот ќе му се јавам. Крај на саботата 22 Му рече Јуда не Искариот: – Господи, зошто сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот? 23 Исус одговори и му рече: – Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме. 24 Којшто не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото, што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Којшто Ме испрати. Крај на св. ап. Јуда 25 Ова ви го реков, бидејќи сум со вас. 26 А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал. 27 Мир ви оставам; мирот свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои. (Зачало 49) 28 Чувте дека Јас ви реков: одам и пак ќе дојдам при вас. Ако Ме љубевте, вие ќе се зарадувавте што реков; одам при Мојот Отец; зашто Мојот Отец е поголем од Мене. 29 И сега ви кажав, уште пред да се исполни, та, кога ќе се исполни, да поверувате. 30 Нема веќе многу да зборувам со вас, оти иде кнезот од овој свет, и тој во Мене нема ништо. 31 Но, за да разбере светот дека Го љубам Отца и како што Ми заповеда Отецот, така и правам. Станете да си одиме одовде! |