Online Bible

- Reklamy -

Јован 13 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 13 (Зачало 44)

1 Апред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, ги засака Своите во светот, и до крај ги засака.

2 И на вечерата, кога ѓаволот беше го поттикнал срцето на Јуда Симонов Искариот за да го предаде, Читај на Вел. Четврток, на литургијата

3 Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и при Бога оди,

4 стана од вечерата, ја соблече горната облека и кога зеде крпа, се препаша;

5 потоа истури вода во мијалникот и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпа, со којашто беше препашан.

6 Дојде и при Симона Петра, а тој Му рече: – Господи, ти ли ќе ми ги миеш нозете?

7 Исус одговори и му рече: – Што правам Јас сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.

8 Петар Му рече: – Никогаш Ти нема да ми ги измиеш нозете мои. Исус му одговори: – Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене.

9 Симон Петар Му рече: – Господи, не само нозете мои, туку и рацете и главата!

10 Исус му рече: – На измиениот треба само нозете да му се измијат, оти е целиот чист; и вие сте чисти, ама не сите.

11 Бидејќи Он знаеше кој ќе Го предаде, па затоа и рече: не сите сте чисти. Крај на првото евангелие пред миење на нозете


(Зачало 45)

12 Акога им ги изми нозете, ја облече облеката Своја и пак седна на трпезата, па им рече: – Знаете ли, што ви направив?

13 Вие Ме викате Учител и Господ: и добро велите, бидејќи тоа сум.

14 Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден со друг да си ги миете нозете.

15 Зашто ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.

16 Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го испратил.

17 Кога го знаете ова, блажени сте, ако го исполнувате. Крај на второто евангелие по миење на нозете Премини на Вел. Четврток, на зачало 108 според Матеја, од половина

18 Не го говорам ова за сите вас, оти Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото; „Кој јаде леб со Мене, ја подигна против Мене својата петица“.

19 Отсега ви кажувам, уште пред да се исполнило, та кога ќе се исполни, да поверувате дека сум Јас.

20 Вистина, вистина ви велам: кој го прима оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Којшто Ме пратил.

21 Штом го рече ова, Исус се нажали во душата, посведочи и рече: – Вистина, вистина ви зборувам, дека еден од вас ќе Ме предаде.

22 Тогаш учениците почнаа да се погледнуваат еден со друг, не разбирајќи за кого говори.

23 А еден од учениците, кого го милуваше Исус, беше се навалил на градите Исусови.

24 Нему Симон Петар му даде знак да праша, кој ли ќе е, за кого што говори.

25 Тој, пак, откако се навали на градите Исусови, Му рече: – Кој е, Господи?

26 Одговори Исус: – Оној е, кому Јас ќе му натопам и подадам залак. И штом натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот.

27 И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: – Што ќе правиш, направи го побргу!

28 Никој, пак, од оние што седеа на трпезата, не разбра зошто му го рече тоа.

29 Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: купи што ни треба за празникот; или, да раздаде нешто на сиромаси.

30 А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе; беше ноќ.

31 Кога тој излезе, Исус рече: Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него.


(Зачало 46)

32 Ако Бог се прослави во Него, и Бог ќе го прослави во Себе, и веднаш ќе Го прослави.

33 Чеда, уште малку сум со вас! Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците, дека каде што одам Јас вие не можете да дојдете, и вам ви зборувам сега.

34 Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.

35 По тоа ќе ве познаат сите, дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.

36 Симон Петар Му рече: – Господи, каде одиш? Исус му одговори: – Каде што одам Јас, ти не можеш сега да дојдеш по Мене, но подоцна ќе врвиш по Мене.

37 Петар Му рече: – Господи, зошто не можам да идам по Тебе сега? Душата своја ќе ја положам за Тебе.

38 Исус му одговори: – Душата ли ќе ја положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема да запее петел, додека ти трипати не се одречеш од Мене.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy