Online Bible

- Reklamy -

Јован 12 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 12 (Зачало 41)

1 На шест дни пред Пасхата дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого што го воскресна од мртвите.

2 Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата.

3 А Марија, откако зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото.

4 Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, којшто подоцна Го предаде, рече:

5 – Зошто не се продаде ова миро за триста пенези, и да се раздадеа на сиромасите?

6 Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него.

7 А Исус рече: – Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение;

8 оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.

9 Мнозина од Јудејците разбраа дека Исус е таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого што го воскресна од мртвите.

10 А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара,

11 оти мнозина од Јудеја заради него ги напуштаа и веруваа во Исуса.

12 На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја дека Исус доаѓа во Ерусалим,

13 зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: – Осана! Благословен е, Оној Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!

14 А Исус, кога најде едно магаренце, седна на него, како што е напишано:

15 „Не бој се, ќерко Сионова! Еве, Царот твој доаѓа, седејќи на магаренце“.

16 Ама ова учениците Негови не го разбраа; но, кога се прослави Исус, тогаш се сетија, дека тоа беше напишано за Него, и тоа Му го направија.

17 Народот, кој беше со Него кога го извика Лазара од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше.

18 Затоа и Го пречека народот, оти беше чул, дека тоа чудо Он го направи. Крај на Цветната недела


(Зачало 42)

19 Афарисеите си велеа помеѓу себе: гледате ли, дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него.

20 Меѓу дојдените за празникот на поклонение, имаше и некои Елини.

21 Тие пристапија кон Филипа, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: – Господине, сакаме да Го видиме Исуса!

22 Дојде Филип и му рече на Андреја; а Андреј и Филип Му кажаа на Исуса.

23 Исус, пак, им одговори, велејќи: – Дојде часот да се прослави Синот Човечки.

24 Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земјата, не умре, останува само; а ако умре, ќе донесе голем плод.

25 Кој ја сака душата своја, ќе ја изгуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен.

26 Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.

27 Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, затоа и дојдов на овој час.

28 Оче, прослави го името Свое! Тогаш дојде глас од небото: – И го прославив, и пак ќе го прославам.

29 А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: загрми; други, пак, рекоа: ангел Му прозбори.

30 Исус одговори и рече: – Овој глас не беше заради Мене, но заради народот.

31 Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор.

32 И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.

33 А ова го говореше за да покаже со каква смрт ќе умре.

34 Народот Му одговори: – Сме слушале од Законот, дека Христос вечно ќе постои, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? – Кој е Тој Син Човечки?

35 Тогаш Христос им рече: – Уште малку време Светлината е со вас; одете, додека имате светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди.


(Зачало 43)

36 Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината! Крај на вторникот и на чесниот крст Штом го рече тоа, Исус се отстрани и се сокри од нив.

37 Иако толку чуда беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него,

38 за да се изврши речениот збор од Исаија: „Господи, кој поверува на тоа, што чул од нас? И раката Господова кому се откри“?

39 Тие затоа не можеа да поверуваат, оти Исаија уште вели:

40 „Ги ослепи очите нивни, и ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите, и со срцето да не разбираат, и да не се обратат, за да ги излечам“.

41 Ова го рекол Исаија, кога беше ја видел славата Негова и говорел за Него.

42 Ама од началниците мнозина поверуваа; но заради фарисеите не признаваа, за да не бидат исфрлени од синагогата;

43 зашто им беше помила човечката слава, отколку славата Божја.

44 А Исус подигна глас и рече: – Кој верува во Мене, верува не во Мене, туку во Оној, Којшто Ме испрати;

45 и кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, Којшто Ме испрати.

46 Јас – Светлината, дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.

47 И, ако некој ги чуе зборовите Мои и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам светот. Крај на средата

48 Којшто се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има кој да го суди: словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.

49 Зашто Јас Сам од Себе не зборував; но Отецот, Којшто Ме испрати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.

50 И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот. Крај на Вел. Среда, на утрената

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy