Јован 11 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 11 (Зачало 39) 1 Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта. 2 А Марија, чиј брат Лазар беше болен, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. 3 Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: – Господи, ете, оној што го милуваш, болен е. 4 Штом чу Исус, рече: – Оваа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа. 5 А Исус ја сакаше Марта, и сестра ѝ нејзина, и Лазара. 6 А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше. 7 Потоа им рече на учениците: – Да отидеме пак во Јудеја! 8 Учениците Му рекоа: – Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш? 9 Исус одговори: – Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се спрепнува, зашто ја гледа светлината на овој свет; 10 а кој оди ноќе, се спрепнува, оти нема светлина во него. 11 Ова го кажа, и потоа им рече: – Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам. 12 Тогаш учениците Негови рекоа: – Господи, ако заспал, ќе оздрави. 13 Исус го рече тоа за смртта негова, а тие помислија дека говори за заспивање со сон. 14 Тогаш рече Исус отворено: – Лазар умре; 15 ама се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате; туку, да отидеме при него. 16 Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: – Да отидеме и ние да умреме со него. 17 Кога дојде Исус, го најде, дека веќе четири дена е во гроб. 18 А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; 19 и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им. 20 Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. 21 Тогаш Марта Му рече на Исуса: – Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. 22 Но, и сега знам дека што и да посакаш од Бога, Бог ќе Ти даде. 23 Исус ѝ рече: – Твојот брат ќе воскресне. 24 Марта Му рече: – Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден. 25 А Исус ѝ рече: – Јас сум воскресението и животот; којшто верува во Мене, и да умре, ќе оживее. 26 И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа? 27 Таа Му рече: – Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, Којшто требаше да дојде на светот. 28 Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: – Учителот е овде и те вика. 29 Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него; 30 оти Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта. 31 Јудејците, кои беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче. 32 А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус, кога Го виде, падна пред нозете Негови и Му рече: – Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми! 33 Тогаш Исус, штом ја виде како плаче, и Јудејците кои беа дошле со неа како плачат, се натажи и се вознемири, 34 па рече: – Каде сте го положиле? Му рекоа: – Господи, дојди и види! 35 Исус просолзи. 36 Тогаш Евреите рекоа: – Гледај, колку го милувал. 37 Некои од нив, пак, велеа: – Не можеше ли Овој, Којшто ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре? 38 А Исус повторно се нажали во Себе и дојде на гробот; тоа беше пештера, и камен лежеше на неа. 39 И рече Исус: – Дигнете го каменот! Марта, сестрата на умрениот, Му рече: – Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е погребан. 40 Исус ѝ рече: – Нели ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја? 41 Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите нагоре и рече: – Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша! 42 А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат оти Ти си Ме испратил. 43 Кога го рече ова, извика со голем глас: – Лазаре, излези надвор! 44 И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете, а лицето обвиткано со крпа. Им рече Исус: – Одвиткајте го и оставете го да оди! 45 Тогаш мнозина од Јудејците, кои беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него. 46 А некои од нив отидоа при фарисеите и им кажаа што направи Исус. Крај на Лазаревата сабота (Зачало 40) 47 Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: – Што да правиме? Овој човек прави многу чуда. 48 Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја земат и земјата и народот. 49 А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: – Вие ништо не знаете, 50 ниту помислувате, дека поарно е за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне. 51 А ова не го рече тој самиот од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот; 52 и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените чеда Божји. 53 Од тој ден, значи, се согласија да Го убијат. 54 Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму одеше со учениците Свои. 55 А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат. 56 Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: што мислите? Нема ли да дојде на празникот? 57 А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат. Крај на понеделникот |