Јован 10 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 10 1 Вистина, вистина ви велам: – Кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од друга страна, ајдук е и разбојник. 2 а кој влегува низ вратата, пастир е на овците; 3 нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име; и ги изведува. 4 И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; 5 а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат. 6 Оваа парабола им ја кажа Исус, ама тие не разбраа што сакаше да им каже со неа. 7 Тогаш Исус пак им рече: – Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците. 8 Сите, колку што дошле пред Мене, ајдуци се и разбојници; но, овците не ги послушаа. (Зачало 36) 9 Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде. Крај на четвртокот и на светителите на утрената 10 Ајдукот доаѓа само да украде, да убие и да погуби; Јас дојдов, за да имаат живот вечен и да имаат изобилие. 11 Јас сум добриот Пастир; добриот пастир си ја полага душата своја за овците; 12 а наемникот, кој не е пастир и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. 13 Наемникот бега, зашто е наемник, и не му е гајле за овците. 14 Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. 15 Како Мене што Ме знае Отецот, така и Јас Го знам Отца; и душата Своја ја полагам за овците Свои. 16 И други овци имам, кои не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; па ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден Пастир. Крај на светителите (Зачало 37) 17 Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас душата Своја си ја полагам, за пак да ја примам. 18 Никој не Ми ја отима, туку Јас Сам од Себе ја давам. Имам власт да ја дадам и власт имам пак да ја примам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец. 19 И пак настана расправија меѓу Јудејците заради овие зборови. 20 Мнозина од нив велеа: бес има и не е при Себе; зошто го слушате? 21 Други велеа: ова не се зборови на бесен; може ли бесот да отвори очи на слепи? 22 А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновување, и беше зима. 23 И одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов. 24 А Јудејците Го опколија и Му рекоа: – До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни слободно? 25 Исус им одговори: – Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене. 26 Ама вие не верувате, оти не сте од Моите овци, како што ви реков. (Зачало 38) 27 Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги знам; и тие одат по Мене, 28 и Јас ќе им дадам живот вечен; Крај на петокот и на осветување храм и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги одземе од раката Моја. 29 Мојот Отец, Којшто Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец. 30 Јас и Отецот едно сме. 31 А Јудејците повторно зедоа камења за да Го убијат. 32 – Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене? 33 Му одговорија Јудејците, велејќи: – За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, оти Ти, бидејќи човек, се правиш Бог. 34 Исус им одговори: – Не е ли напишано во вашиот Закон: „Јас реков: богови сте“? 35 Ако ги нарече богови оние, во кои беше словото Божјо, и не можеше да се урне Писмото, 36 а на Оној ли, Кого што Го освети Отецот и испрати во светот, вие Му велите: хулиш на Бога, дека реков: Јас сум Син Божји? 37 Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми; 38 а ако, пак, ги вршам, макар Мене и да не Ми верувате, на де лата Мои верувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него. Крај на саботата 39 Тогаш повторно сакаа да Го фатат, ама Он им се истргна од рацете нивни, 40 и пак отиде преку Јордан, на она место, каде што Јован крштеваше; и остана таму. 41 Мнозина дојдоа при Него и велеа: – Јован не направи ниедно чудо, ама сѐ што рече Јован за Него, беше вистина. 42 И мнозина таму поверуваа во Него. |