Online Bible

- Reklamy -

Јован 1 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 1 (Зачало 1)

1 Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото.

2 Овој беше во почетокот во Бога.

3 Сѐ преку Него постана и без Него ништо не стана, коешто постана.

4 Во Него имаше живот и животот беше Светлина на луѓето.

5 И Светлината во темнината свети, и мракот не ја опфати.

6 Имаше еден човек по име Јован, испратен од Бога;

7 тој дојде за сведоштво, – да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.

8 Тој не беше светлина, туку – да сведочи за Светлината.

9 Постоеше вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек што доаѓа на свет.

10 Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна.

11 Дојде при своите и своите не Го примија.

12 А на сите што Го примија, – на сите што веруваат во Неговото име – им даде можност да станат синови Божји;

13 тие, не од крв, ни од похот телесна, ни од похот машка, а од Бога се родија.

14 И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.

15 Јован сведочеше за Него и викаше, зборувајќи: – Овој беше за Кого реков: Којшто иде по мене е пред мене, оти постоеше порано од мене.

16 И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат;

17 зашто Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа. Крај на Воскресение Христово


(Зачало 2)

18 Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Којшто е во прегратките на Отецот – Он Го објави.

19 И тоа е сведоштвото на Јована, кога Евреите испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: – Кој си ти?

20 Тој призна и не одрече, а објави: – Не сум јас Христос.

21 И го прашаа: – А што си? Илија ли си ти? Одговори: – Не сум. – Пророк ли си? И одговори: – Не.

22 А тие му рекоа: – Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние, кои нѐ испратија; што велиш за себе?

23 Тој рече: – Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го патот на Господа, како што вели пророкот Исаија.

24 А испратените беа од фарисеите;

25 и го запрашаа, велејќи: – Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?

26 Јован им одговори и рече: – Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.

27 Он е што иде по мене, Којшто беше пред Мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.

28 Ова се случи во Витавара, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован. Крај на понеделникот


(Зачало 3)

29 Утредента, Го виде Јован Исуса како доаѓа при него и рече: – Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!

30 Овој е, за Кого што реков: по мене иде Човек, Којшто пред мене беше, оти постоеше порано од мене.

31 Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за да биде Он објавен на Израилот.

32 И сведочеше Јован, велејќи: – Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и застана над Него.

33 Јас не Го познавав, но Оној што ме испрати да крштевам со вода, ми рече: врз Кого ќе видиш да слегува Духот и да останува на Него, – Он е, Којшто ќе крштева со Дух Свети.

34 И јас видов и засведочив, дека е Овој Синот Божји. Крај на св. Јован Претеча


(Зачало 4)

35 Аутредента, повторно стоеше Јован и двајца од неговите ученици.

36 И штом Го виде Исуса да врви, рече: – Еве Го Јагнето Божјо!

37 Кога ги чуја од него тие зборови, двајцата ученици отидоа по Исуса.

38 А Исус, кога се сврте и виде дека идат по Него, им рече: – Што барате? Тие Му одговорија: – Рави, – што значи: Учителе, – каде живееш?

39 Им рече: – Дојдете и видете! Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час.

40 А еден од двајцата, кои беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј, братот на Симон Петар.

41 Тој прв го најде брата си Симона и му рече: – Го најдовме Месијата – што значи Христос;

42 и го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледна, му рече: – Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар.


(Зачало 5)

43 Утредента, пак, Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: – Врви по Мене!

44 И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра.

45 Филип го најде Натанаила и му рече: – Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците.

46 А Натанаил му рече: – Може ли нешто добро да биде од Назарет? Филип му одговори: – Дојди и види!

47 Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: – Еве вистински Израилец, при кого нема лукавство.

48 Натанаил му рече: – Од каде ме познаваш? А Исус, одговарајќи, му кажа: – Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.

49 Му одговори Натанаил и рече: – Рави! Ти си Синот Божји, Ти си Царот Израилев.

50 А Исус, одговарајќи, му рече: – Веруваш, затоа што ти реков дека те видов под смоквата; – ќе видиш повеќе од ова.

51 И му рече: – Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки. Крај на средатата и на неделата; на св. ап. Андреј и на св. ап. Филип

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy