Online Bible

- Reklamy -

Создавање 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


ВО ПОЧЕТОКОТ Бог го создава светот и човекот

1 Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.

2 Земјата беше неоформена и пуста; имаше темнина над бездната и Божјиот Дух лебдеше над водата.

3 И Бог рече: „Нека биде светлина!“ И настана светлина.

4 И Бог виде дека светлината е нешто добро; и ја оддели Бог светлината од темнината.

5 Бог светлината ја нарече ден, а тем­нината ја нарече ноќ. И настапи вечер, и настапи утро – прв ден.

6 Потоа Бог рече: „Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода!“ (И така стана).

7 И создаде Бог свод; и ја одвои водата што е под сводот од водата што е над сводот. Така и стана.

8 И сводот Бог го нарече небо. (И виде Бог дека тоа е добро). И настапи вечер и настапи утро – втор ден.

9 И Бог рече: „Нека се собере водата, што е под небото на едно место, и нека се појави копно!“ И стана така. (Водата што е под небото се собра на своите места и се појави копно).

10 Копното Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека тоа е добро.

11 И Бог рече: „Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, пло­доносни дрвја кои во себе имаат семе (според својот род и вид)!“ И стана така.

12 Земјата пушти од себе зеленило: трева што дава семе според својот род (и вид), а и (плодоносни) дрвја што раѓаат плод, чие семе е според нивниот род. И Бог виде дека тоа е добро.

13 И настапи вечер, и настапи утро – трет ден.

14 Потоа Бог рече: „Нека се појават светила на небескиот свод (за да ја ос­ветлуваат земјата), за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци, и за времињата, и за деновите, и за годините;

15 и нека бидат тие светилници на не­бескиот свод, за да ја осветлуваат земјата!“ И стана така.

16 Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите;

17 и ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата,

18 и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро.

19 И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден.

20 Потоа рече Бог: „Водата нека се исполни со живи суштества, а низ не­бескиот свод над земјата нека полетаат птици!“ (И така стана).

21 И Бог создаде големи риби и сека­ков вид животни влекачи, што живеат во водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според нивниот род. И виде Бог дека тоа е добро.

22 И ги благослови Бог, велејќи: „Плодете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека се намножат на земјата!“

23 И настапи вечер, и настапи утро – петти ден.

24 Пак рече Бог: „Нека изведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, лазачи и ѕверови земни според нивниот род!“ И стана така.

25 И Бог создаде ѕверови земни, спо­ред родот нивни, и добиток според ро­дот негов, и секакви гадинки земни, според родот нивни. И Бог виде дека тоа е добро.

26 Потоа Бог рече: „Да создадеме човек според Нашиот образ (и) според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, (над ѕверовите) и над добитокот – над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!“

27 И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде.

28 И ги благослови Бог, и им рече: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и ов­ладајте ги морските риби (и ѕверовите), и небеските птици (и секаков добиток, целата земја), и сите животни што лазат по земјата!“

29 И Бог рече: „Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна!

30 А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сѐ што се движи (и лази) по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна.“ Така и стана.

31 И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро – шести ден.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy