Online Bible

- Reklamy -

Проповедник 9 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)

1 И сево ова го ставив во срцето свое, за да испитам дека праведните и мудрите нивни дела се во рацете Божји, и дека човекот не знае ни за љубов, ни за омраза во сето тоа, што е пред него.

2 За секој и за сите е едно: една судбина за праведен и неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како за оној кој принесува жртви, така и за оној кој не принесува; како за добар, така и за грешник; како за оној што се колне, та­ка и за оној што се плаши од клетва.

3 Токму тоа е најлошо од сѐ што се случува на земјата, дека еден е крајот за сите, па затоа срцето на синовите чо­вечки е полно со зло, и безумие има во срцето нивно додека се живи; а потоа тие умираат.

4 Кој е меѓу живите, има уште надеж, бидејќи и куче живо е подобро, отколку мртов лав.

5 Живите знаат дека ќе умрат, а мрт­вите ништо не знаат, и веќе за нив нема на­града, зашто и споменот за нив е пре­даден на заборавот,

6 и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата.

7 И така, оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, кога Бог има наклоност кон тво­ите дела.

8 Во секое време облеката да ти биде празнична, и секогаш да има миризливи мазила на лицето твое.

9 Во сите дни на својот суетен живот насладувај се од животот заедно со же­ната, што ја сакаш, и која ти ја дал Бог на земјата за сите твои суетни дни; заш­то, тоа е твој дел во животот и во тво­ите трудови, со кои се трудиш на земјата.

10 Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите твои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост.


Мудроста не е секогаш ефикасна

11 И пак видов на земјата дека на бр­зите не им се дава победа, ниту на храбрите – битката, ниту на мудрите – леб, ниту на разумните – богатство, ни­ту на искусните – благонаклоност, но времето и приликите им се случуваат на сите нив.

12 Зашто човек не знае кога ќе го снај­де несреќа. Како што рибите налетува­ат во погубна мрежа, и како што пти­ци­те се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во теш­ко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив.

13 Еве уште каква мудрост видов на земјата, и таа ми се причини голема:

14 мал град и во него малку луѓе; дојде против него голем цар, го опколи и почна околу него да издига големи опсадни направи;

15 но во него се најде човек сиромав, но умен, и тој со својата мудрост го спа­си тој град; и при сето тоа никој не се сети за тој сиромав.

16 И јас си реков: мудроста е подобра од силата, и при сето тоа што мудроста на сиромавиот се пренебрегнува, и збо­ровите негови не се слушаат.

17 Зборовите на мудрите, искажани спокојно, се ислушуваат подобро, от­колку викањето на кнез меѓу глупаци.

18 Мудроста е подобра од воено оруж­је; но еден грешник расипува многу доб­ри работи.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy