Проповедник 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)1 Не брзај со јазикот свој, и срцето твое да не брза да изговара зборови пред Господ; зашто Бог е на небото, а ти на земјата; затоа зборовите твои да не бидат многу. 2 Зашто, како што соништата доаѓаат при многу грижи, така и гласот на глупавиот се познава од многуте зборови. 3 Кога даваш завет на Бога, не двоуми се да го извршиш, зашто Тој не ги сака безумните: она што си го ветил, изврши го. 4 Подобро е да не ветуваш, отколку да ветиш и да не го извршиш. 5 Не ѝ дозволувај на устата своја да го тера во грев телото твое и не зборувај пред ангелот Божји: „Тоа е грешка!“ Зошто ти е да правиш така, и Бог да се разгневи на зборот твој и да го сотре делото на рацете твои? 6 Зашто, како во многуте соништа, така и во многуте зборови има суета; но ти имај страв од Бога. Злоупотребите на власта 7 Ако видиш некаде на сиромав да се врши неправда и да му се одзема судот и правдата, не чуди се на тоа: зашто над високиот гледа повисок, а над нив – уште повисок; 8 но од сѐ покорисна е земјата; и царот на нивата ѝ служи. Од богатството нема полза 9 Кој го љуби среброто, со сребро нема да се насити, и кој сака богатство, тој нема да има полза од тоа. И тоа е суета! 10 Се зголемува ли имотот – се зголемуваат и корисниците негови; и каква корист за сопственикот негов: зар само да гледа со очите свои? 11 Сладок е сонот за оној, кој се труди, – па јадел тој малку или многу; но прејадувањето не му дава на богатиот да заспие. 12 Има едно тешко зло, што сум го видел на земјата: богатство, што се чува за зло на оној, кој го поседува. 13 А тоа богатство може да се изгуби во несреќно време: му се роди син и не остане ништо во рацете негови. 14 Како што излегол гол од мајчината утроба, така и си заминува, каков што дошол; ништо нема да земе од трудот свој, што би можел в рака да понесе. 15 И тоа е големо зло: каков што дошол, таков си заминува. Каква е, тогаш, ползата за него, кога се трудел залудо? 16 А целиот живот бил мрачен од многу грижи, маки и страдања. 17 Еве уште што најдов за добро и пријатно: да се јаде и да се пие и да се насладува од доброто на сите свои трудови, со кои некој се труди на земјата преку сите дни од животот свој, што му ги дал Бог; зашто тоа е негов дел. 18 И, ако на некој човек Бог му дал богатство и имот, и му дал да се ползува од нив, да го зема својот дел и да се насладува од трудовите свои – тоа е Божји дар. 19 Нема долго време да ги помни тој дните на животот свој; затоа Бог и го наградува со радоста на срцето негово. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society