Плачот 5 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Молитва на угнетениот народ 1 Спомни си, Господи, што нѐ снајде; милостиво погледај и види го срамот наш! 2 Наследството наше мина на туѓинци, куќите наши – на луѓе од други племиња; 3 останавме сираци, без татко; мајките наши се како вдовици. 4 Водата своја ја плаќаме за сребро, дрвата наши ги купуваме со пари. 5 На вратот имаме јарем, и нѐ гонат; исцрпени сме и не ни даваат да здивнеме. 6 Протегаме рака кон Египќаните и кон Асирците, за да се нахраниме со леб. 7 Татковците наши грешеа: нив ги нема веќе, а ние трпиме казна за нивното беззаконие. 8 Робовите ни се господари, а нема кој да нѐ избави од рацете нивни. 9 Храната си ја набавуваме со страв – пред мечот во пустината. 10 Од лут глад, кожата ни поцрнела како печка. 11 Жените ни ги бесчестат на Сион, девојките – во градовите јудејски. 12 Кнезовите ги изобесија со свои раце, лицата на старците не ги почитуваа. 13 Момците носеа воденички камења, а децата паѓаа под товари дрва. 14 Старците веќе не седат пред портите; момците не пеат. 15 Се сврши радоста на срцето наше; нашите ора се претворија во тага. 16 Падна венецот од нашата глава; тешко нам, што згрешивме! 17 Поради тоа и боледува срцето наше; поради тоа и потемнеа очите наши. 18 Бидејќи запусте гората Сион, лисици одат по неа. 19 Ти, Господи, остануваш вечно; престолот Твој е од род во род. 20 Зошто наполно нѐ забораваш, нѐ оставаш долго време? 21 Врати нѐ кон Себе, Господи, и ние ќе се вратиме; обнови ги деновите наши како во старо време. 22 Зар наполно си нѐ отфрлил, зар без мерка си се разгневил на нас? |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society